Избори во Шведска: Тесна трка меѓу левицата и десницата

Граѓаните на Шведска денеска гласаат на парламентарните избори на кои левиот и десниот блок влегуваат речиси целосно израмнети со разлика од само 0,3 отсто, а исходот би можел да го донесе првиот историски влез на крајнодесничарските Шведски демократи во владата.
Право на глас на овие избори имаат рекордни 8.046.725 гласачи – првпат повеќе од осум милиони – при што излезноста се очекува повторно да биде исклучително висока, на ниво на претходните избори од 84,2 проценти.
Левиот блок го предводи Магдалена Андерсон, лидерка на Социјалдемократите, која се обидува да се врати на премиерската функција по четири години во опозиција. Нејзин главен ривал е актуелниот премиер Улф Кристерсон, предводник на десниот блок и лидер на Умерените, кој ја предводи актуелната малцинска влада.
Актуелната десничарска власт е коалиција меѓу Умерените (М), Христијанските демократи (КД) и Либералите (Л), која формално не ги вклучува Шведските демократи (СД), но директно зависи од нивната поддршка преку таканаречениот Договор од Тидо.
Оваа коалиција во моментов контролира 176 од вкупно 349 пратенички места во Риксдагот – односно тенко мнозинство од само еден мандат.
Сепак, Кристерсон овојпат им вети министерски позиции на Шведските демократи доколку десниот блок победи. Според анкетите, СД освојува околу 19 отсто од гласовите, а нејзиниот лидер Џими Окешон отворено бара директно учество во власта. Тоа би било првпат оваа партија, која има неонацистички корени, формално да влезе во шведската влада.
Аналитичарите истакнуваат дека изборите се во голема мера референдум за Шведските демократи и нивниот успех во отстранувањето на екстремистичкиот товар.
Партијата во 2025 година се извини за своите поранешни неонацистички и антисемитски ставови, но и понатаму застапува радикални мерки – укинување на дозволите за постојан престој, дополнително намалување на миграцијата и законски одредби против таканареченото „антишведско“ однесување.
Клучните теми во кампањата се сведени на имиграцијата, криминалот и прашањето „што е Шведска“. Интересно е што и самата Андерсон и Социјалдемократите во последните години се придвижија надесно по овие прашања, па гласачите главно избираат меѓу темпото и стилот на спроведување на реформите, а помалку меѓу две целосно спротивставени визии.
Клучен фактор за конечниот победник би можел да биде изборниот праг од четири отсто на национално ниво (или 12 отсто во една изборна единица). Либералите, партнерот на Кристерсон, се движат токму околу оваа граница (помеѓу 2 и 4,3 отсто).
Доколку тие не го минат прагот, десниот блок ќе изгуби драгоцени мандати, што би можело да му ја одземе победата на Кристерсон без оглед на успехот на СД. На другата страна, зајакнување бележи левичарската Партија на Центарот, особено во Стокхолм.
Од вкупниот број гласачи, 483.182 се млади кои гласаат првпат, а речиси 227.000 се Швеѓани кои живеат во странство.
Евентуалната победа на десницата и влезот на СД во власта би претставувале голем пресврт за Шведска, која долго време важеше за морален компас на Европската Унија за човекови права и мултикултурализам.
Тоа би ја ставило земјата во редот на Италија, Холандија и Унгарија, каде што десничарските партии станаа дел од власта, што дополнително би му го отежнало на Брисел формирањето заедничка миграциска политика.
Првичните резултати се очекуваат вечерва, но процесот на формирање влада би можел да трае со недели, па и со месеци.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп тврди дека „негативните сили“ претеруваат во загриженоста околу вештачката интелигенција
-

Полска вознемирена откако Русија нападна воз од Киев за Варшава
-

Избрана нова влада на Косово, во ист состав како претходната
-

ДИК: Поднесени шест кандидатски листи за градоначалник на Општина Брвеница
-

Драматичен обид за бегство на криумчари кај Блаце, полицаец влечен за рака со возило
-

Старт на „Безбеден град“ во Велес, веќе за ден и пол околу 150 казни
-

Во изминатото деноноќие уапсени 13 возачи поради „безобѕирно управување со возило“
-

Мицкоски: Денеска ќе донесеме мерка за намалување на ДДВ за дизел горивото од 18 на 10 проценти
