Железничка несреќа во Шпанија, над 60 загинати
Два брзи патнички воза се судрија утрово во централна Шпанија, при што загинаа најмалку 64 лица, а над 170 се повредени. Несреќата се случила на линијата што ги поврзува Мадрид и Севиља. Двата воза, едниот на државниот оператор Ренфе, а другиот на приватната компанија Ирио, сообраќале во иста насока, од Мадрид кон Севиља.
Причина за судирот е тоа што возот на Ренфе удрил во задниот дел на другиот воз, кој претходно запрел на пругата поради дефект во сигнализацијата.
„Одеднаш, возот нè удри одзади. Наеднаш го видовме возот од нашата лева страна. Сè беше превртено. Некои луѓе беа фрлени во воздух. Тие се многу тешко повредени. Не е можно нашиот воз да стоел пет или десет минути, а на другиот воз да не му било кажано да застане. Како може ова да се случи со технологијата што ја имаме? Ова не е нормално. Ништо не ни кажаа. Лицето на кое требало да му кажат е машиновозачот на другиот воз. Нам не би ни било важно, сè додека другиот воз бил предупреден. Ова не го разбирам“, изјави патник.
Снимките од воздух покажуваат превртени и уништени вагони. Шпанските власти почнаа истрага за несреќата. Во двата воза имало вкупно 544 патници. Овој судир се случува девет месеци по несреќата во која учествувале брзи возови на истите оператори и на истата линија, при што тогаш загинаа 46 лица, а 170 беа повредени.
-
Емилија Штерјов
Сите содржини од овој новинар
