Излевањето на реките предизвика поплави на истокот од државата, снегот направи проблеми во западниот дел
Десетина семејства во Облешево останаа заробени во нивните домови, откако дождот и снегот им ги наполнија дворовите со вода. Една од постарите жителки на селото вели дека заедно со мажот и, од синоќа не можат да излезат ниту леб да си купат, а водата навлегла и во подрумските простории и на приземјето.
-Не можам да излезам, дворот ми е поплавен, се живо ми е поплавено, а вода немаме. Поплавено ни е житото и дрвата за огрев. Имавме јачем и други работи, изјави Марија Атанасова, жителка на Облешево.
Причината за поплавените домови според мештаните се неисчистените канали за наводнување.
-Каналаите кај нас после жетва не се чистат никогаш. Секоја година се поплавува, бидејќи овој дел е најнизок и најблиску до оризните површини. Овде имаме околу 30-тина куќи кои нон-стоп се поплавуваат. Денеска имаме 10-тина куќи кои се во многу лоша состојба, луѓето не можат да излезат надвор од домовите, да си купат леб и други намирници, изјави Тони Максимов, жител на Облешево.
Покрај куќите поплавени се и земјоделските површини. Надојдените води на Брегалница утринава ја загрозија безбедноста на мостот кај с. Долни Балван, во општина Карбинци, по што од локалната самоуправа веднаш реагираа.
-Ги известивме противпожарната единица, полицијата и Центарот за управување со кризи, изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци.
По расчистувањето на заглавените стебла на еден од столбовите, мостот е пуштен за сообраќај. Во попладневните часови водостојот на реката е намален и засега нема опасност од излевање.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар