Израелски медицински тим прегледа 24 повредени во пожарот во Кочани, од нив 16 со повреди на рацете се оперирани

Дваесет и четири пациенти, кои се меѓу повредените во пожарот минатата година во Кочани, беа евалуирани и прегледани од тим од Медицинскиот центар „Шеба“ од Израел. Од нив 16 беа оперирани - шест на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје и 10 во Општата болница во Кочани. Фокусот беше на пациенти со повреди на рацете и дланките. Ова денеска на прес-конференција во присуство на израелскиот медицински тим го истакна министерот за здравство Сашо Клековски, кој рече дека повредените што беа третирани во странство сега почнуваат со третмани во Македонија.
- Државата е тука за повредените од Кочани на долги патеки. Ова е демонстрација на таа посветеност дека кога ќе помине вниманието од многу други страни, здравствените власти ќе бидат тука и ќе ја дадат целата неопходна поддршка. За мене, посебен успех од оваа интервенција е што некои од повредените, кои досега беа третирани во Унгарија и во Србија, сега почнаа со третмани тука во Македонија. Тоа е важно бидејќи оваа грижа не е само еднократен третман. На овие повредени ќе им треба континуирана грижа, а таа најдобро ќе биде обезбедена тука дома, во Општата болница во Кочани и на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје - рече Клековски.
Тој посочи дека Медицинскиот центар „Шеба“ од Тел Авив осум години по ред е меѓу десетте најдобри медицински центри во светот и со едно огромно искуство. На прес-конференцијата беа присутни д-р Моти Харац, кој е директор на Националниот центар за изгореници и Одделот за интензивна нега на изгореници при Медицинскиот центар „Шеба“, и пластичните и реконструктивни хирурзи Матан Шерф и Тал Канфино Кац.
- Моти и Тал беа присутни тука во март минатата година бидејќи беа дел од израелскиот тим, кој помагаше веднаш по несреќата. Голема благодарност до болницата „Шеба“ и до нив лично за она што го прават за нас - додаде Клековски.
Д-р Харац рече дека голема привилегија за нив е да бидат тука и да учествуваат во напорите за третман на пациентите. Посочи дека ова е нивна втора посета на пациентите и дека има изненадувачки напредок во врска со изгледот на нивните лузни постоперативно.
- Кога зборуваме за повреди од изгореници, тие се едни од најтешките медицински состојби за лекување, бараат долгорочно следење и третман бидејќи тие лузни континуирано се менуваат, особено кога вклучуваат тешки повреди на дланките, на функционалните делови на телото. Многу е тешко да се третира акутната фаза, а уште поголем предизвик и подолготрајно е да се води грижа за рехабилитацијата и за враќањето на функцијата на долг рок. Повредите од изгореници опфаќаат многу аспекти: некои од нив се функционални, особено кога изгорениците вклучуваат тешки повреди на рацете и екстремитетите; некои се естетски, кога станува збор за лузни и повреди на лицето; а многу од нив се психолошки. Континуитетот на грижата и поддршката е клучна работа за овие пациенти - истакна д-р Харац.
Начинот, потенцира тој, на кој овие извонредни доктори тука во Македонија се грижат за пациентите, начинот на кој ги следат и посветеноста што ја покажуваат, е нешто што не може да се научи.
- Не станува збор за технологија или што било друго, станува збор за грижа и посветеност, и тоа е извонредна работа. Ова е неверојатна работа што ја сработивме тука. Бевме во постојан контакт со вашите доктори во изминатите неколку месеци, разгледувајќи ги случаите, дискутирајќи што можеме да подобриме и како да го направиме тоа. Изминатите денови прегледавме 24 пациенти. За секој од нив разговаравме за медицинскиот напредок, каков вид операции се потребни, кога да се направат и кои би биле најдобрите опции. Потоа, во последните три дена извршивме 16 операции, вклучително реконструктивни зафати, подобрување на лузните, враќање на функцијата и подвижноста - сѐ што можевме да придонесеме од нашето знаење - рече д-р Харац.
Додаде дека се сигурни дека овие операции ќе донесат големо подобрување и тоа што се прави сега е долгорочно следење и долгорочен континуитет на грижата, што е најважно за тие пациенти.
Директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска, рече дека малку посложените операции се направени на оваа клиника, односно трансфер на тетиви за подобрување на функционалноста на дланката. Посочи дека се направени одредени артродези, односно закочување на зглобот во физиолошка положба за подобра функционалност и естетски изглед, а се коригирани многу од хипертрофичните лузни, кои најчесто на дланката ѝ даваат недоволна функционалност и со тоа се доби и многу поголема должина на самите прсти.
- Навистина сум презадоволна и од нивната ангажираност, исто така и од нашите колеги на Пластична хирургија. Тие деца, тие пациенти, не се оставени сами на себе од првиот момент до ден-денес. Изгореницата е дијагноза за цел живот, а Клиниката и Министерството, т.е. сите стоиме зад овие пациенти - додаде д-р Ѓорѓиевска-Павловска.
Директорката на Општата болница во Кочани, д-р Катарина Мирчовска, истакна дека селекцијата на пациентите е направена во однос на функционалноста на дланките. Таа се заблагодари на тимовите анестезиолози, инструментарки, болничари од болницата во Кочани, како и на тимовите и на специјализантите од Клиниката за пластична хирургија.
- Она што следува е потешкиот дел - физикалната и работната терапија за да овозможиме овие операции комплетно да ја вратат функционалноста на дланките. Потешкиот дел допрва следува, организирањето на физикалната терапија и континуитетот на грижата и негата за нивните дланки. Болницата во Кочани е намерно вклучена поради местото на живеење на пациентите, достапноста на здравствените услуги, можноста за континуитетот во негата, обуката на кадарот, која веќе ја помина, како и соработката со Клиниката за дерматологија. Она што им следува се ласерските третмани во наредната фаза, како и третманите на Клиниката за пластична хирургија - рече д-р Мирчовска.
Д-р Гордана Георгиева од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, која ја води работната група за координација на здравствените напори и здравствената грижа за повредените од Кочани, рече дека во текот на изминатата година кај пациентите мултидисциплинарно се одвиваше третманот, односно станува збор не само оперативни интервенции туку и за конзервативен третман на лекувањето на изгорениците, односно третманот на лузните со ласер, со компресивна терапија, како и психосоцијална и физикална рехабилитација.
Посочи дека изминатата година се формирани две работни групи за евалуација на пациентите, кои го следеа текот и даваа препораки и истовремено се правеа консултации со светски експерти за третман на лузни од изгореници.
- Бројот на такви лекари во светот е многу мал, бидејќи станува збор за субспецијалност. Најголемиот предизвик при третманот на лузните од изгореници е времето кога операциите треба да се изведат. Кога ја поминавме првата фаза на конзервативно третирање и ласер, дојдовме до моментот кога заедно со израелскиот тим ги направивме оперативните интервенции за подобрување на функцијата на шаките. Во наредниот период ќе се направи план заедно со новата група за евалуација на пациентите од Министерството за здравство за да продолжи следењето, бидејќи работата не е завршена. Ќе бидат потребни операции кај дел од истите пациенти, но и кај останатите, потенцира д-р Георгиева.
Нагласи дека се во комуникација со експерти од Белгија, Австрија и Хрватска и во зависност од индикациите и приоритетите ќе продолжат со операции и следење, како и со втората фаза на третман на пациентите со CO2 ласер на Клиниката за дерматологија. Додаде дека целта е подобрување на квалитетот на животот и дека процесот ќе биде долготраен и повеќегодишен.
МИА
Ново на Сител
-

Ѓорѓиевски: Град Скопје со сопствени средства ќе гради две нови средни училишта
-

Повторно раст на цените на нафтата
-

Јанев за трагедијата во Богданци: МВР реагираше соодветно и го институционализираше случајот
-

Фонд на ПИОМ: Пензионерите да бидат спокојни, исплатата на пензиите е приоритет
-

„АЛТА банка“ АД Битола денеска им изврши исплата на 556 пензионери
-

За пет дена регистрирани 25 пријави за семејно насилство, приведени 14 лица
-

Израелски медицински тим прегледа 24 повредени во пожарот во Кочани, од нив 16 со повреди на рацете се оперирани
-

Бартломиеј Питала - почесен граѓанин на Скопје, човекот со чиј подвиг светот слушна за нашето богатство
