Јаневска: Ќе го решаваме проблемот со Сеизмолошката опсерваторија, тој е ургентен и многу значаен
Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува дека ќе биде одобрен проект со кој ќе бидат обезбедени средства за набавка на инструменти за Сеизмолошката опсерваторија, а потоа и да се реши проблемот со кој се соочува оваа институција - затворање на 13 сеизмолошки станици низ државата.
Со завршување на тригодишната меѓународна иницијатива за следење на движењето на Јадранската микроплоча – AdriaArray, на почетокот на 2026-та државава ќе остане без мрежата од 13 сеизмолошки станици со кои се следи сеизмичката активност односно просторно-временската застапеност на земјотресите.
Во рамки на тој проект на организацијата ORFEUS (Observatories and Research Facilities for European Seismology), чија мисија е да ја промовира сеизмологијата во Европско-медитеранската област, од 2023 се инсталирани 13 привремени сеизмолошки станици преку кои континуирано се следи сеизмичката активност на територијата на државава и во пограничните региони, како и сеизмичноста на целата планета.
-Ова прашање е актуелно и е многу значјано бидејќи ние сме трусно подрачје. Германската влада ќе си ги повлече инструментите затоа што завршува проектот, рече Јаневска откако Опсерваторијата при Природно-математикиот факултет алармираше дека се во драматична состојба поради немање опрема и кадар.
Одговарајќи на новинарски прашања денеска на прес-конференција посветена на резултатите од државната матура, министерката кажа дека неколку пати се сретнала со директорката на Сеизмолошката опсерваторија и разговарале за проблемот и за тоа како може да помогне МОН.
-Односно да се обезбедиме, тоа не е помош, тоа е сигурност на сите граѓани на оваа земја. Јас сум многу среќна што кога ги разгледував апликациите на научно-истражувачките проекти, видов дека Сеизмолошката опсерваторија конкурирала на овој конкурс и, според информациите кои ги добивам од комисијата, многу се големи изгледите тие и да го добијат овој проект, со што ќе се обезбедат дел од средствата за да се набават одреден број инструменти. Ако тоа биде така, не можам да прејудицирам, но се надевам дека ќе биде така, малку од малку нешто ќе покриеме, а потоа продолжуваме да го решаваме проблемот за кој сметам дека ургентен и многу занчаен, истакна Јаневска.
Тринаесетте станици во моментов ја сочинуваат телеметриската мрежа на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, а сеизмички мониторинг има и на езерото Козјак - на браните Козјак и Св. Петка и на локација во село Белица на долниот дел од езерото и браната Кнежево.
ORFEUS во март ќе ја напушти Македонија за да го продолжи проектот во други земји, со што Опсерваторијата се соочува со ризик од затворање на сите 13 станици затоа што ќе останат со застарени и, практично, нефункционални инструменти.
На Опсерваторијата ѝ требаат нови лиценцирани софтвери, нова компјутерска опрема и сеизмометри, т.е. минимум десет сеизмолошки станици за следење на подземните активности во реално време.
Раководителката на Опсерваторијата, проф. д-р Катерина Дрогрешка, неодамна за МИА изјави дека таквата состојба ќе доведе до загрозување на сеизмолошката служба на Опсерваторијата, односно законски пропишаното следење на сеизмолошка активност.
- Од наредната година остануваме без ниту една сеизмолошка станица и соодветна опрема за следење на сеизмичката активност, што за сеизмички активна територија како нашава, во која често се случуваат умерено силни до силни земјотреси, е навистина зголемен ризик за населението и инфраструктурата од силен земјотрес. Технологијата оди напред, светот оди напред, ние се трудиме да ги следиме, но доаѓаме во ситуација кога не можеме. Сега, дефинитивно, ни треба помош. Неследењето на сеизмичка активност може да предизвика неубава состојба во државава во однос на градбите и ризиците по безбедноста на граѓаните, изјави раководителката на Опсерваторијата во интервју за МИА.
МИА
Ново на Сител
-
Трамп: Ако енергијата поевтини доволно, Путин ќе престане да убива луѓе
-
Скопјанец удрил во заштитна ограда на исклучокот од патот Прилеп - Градско и ја качил на покривот на возилото
-
Кривична пријава за скопјанец кој преку веб страница продавал билети за непостоечки концерт
-
Лихвари од Скопје за 30.000 евра изнудиле 300.000 евра од кумановец
-
Безживотно тело на маж пронајдено покриено со земја и предмети во Кавадарци
-
Убиство во Бардовци
-
Посмртните останки на Душко Чифлиганец ќе бидат изложени утре во црквата „Св. Јован Крстител“ во Аеродром
-
Mајка и дете заглавени во поплавен автомобил во Велес, ги спасиле пожарникари во последен момент