Македонија
26. October 2026 - 8:41

Како до побрза дигитализација на македонските компании? Андоновски и бизнис-заедницата на иста маса

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска ќе учествува на панел-дискусијата „Предуслови и предизвици за забрзана дигитализација на приватниот сектор“, што ќе се одржи во просториите на ИНОФЕИТ ЕДИХ, при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје.

Во фокусот на панел-дискусијата ќе бидат националните политики и мерки за поддршка на дигитализацијата, достапните финансиски инструменти и практичните можности за забрзување на дигиталната трансформација на македонските компании. 

Настанот има цел на едно место да ги обедини институциите, деловните организации, финансиските институции и експертите вклучени во процесот на дигитализација, со фокус на поддршката што им е достапна на компаниите, можностите за финансирање и следните чекори во нивната дигитална трансформација.

Воведни обраќања ќе имаат деканот на ФЕИТ, Владимир Атанасовски, и амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер.

На панел-дискусијата, покрај министерот Андоновски, ќе учествуваат и директорот на ИНОФЕИТ ЕДИХ Димитар Ташковски, претседателот на МАСИТ Јордан Димитровски, главната извршна директорка на ГоДигитал Никица Мојсовска-Блажевски и главната извршна директорка на Развојната банка Ефимија Димовска. Модератор ќе биде Горан Дамовски, директор на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ.

Во рамки на настанот ќе бидат презентирани и решенија развиени во ИНОФЕИТ ЕДИХ, а ќе се разговара за националните политики за дигитализација, улогата на технолошките и иновациските центри, придонесот на ИКТ секторот и финансиските инструменти што им стојат на располагање на компаниите.

 

МИА