Македонија
30. September 2021 - 12:26

Како климатските промени влијаат врз производството на земјоделски производи?

Нов семенски материјал за одгледување на пиперка, грав и пченица, отпорен на климатските промени, произведува Земјоделскиот институт при УКИМ на полињата во рамки на опитното одделение во Кочани. Со поставување на демонстративни опити, се оценува влијанието на климатските промени врз производството во различни услови, како и ефектите од примената на повеќе агротехнички мерки за зголемување на отпорноста.

- Овој дел што се работи, во голема мера го засега целокупното земјоделство кај нас, но и на глобално ниво, бидејќи зборуваме за една чувствителна тема, а тоа е борбата против глобалното затоплување, против климатските промени- изјави Трајан Димковски, заменик министер за земјоделие.

Активностите се во рамки на регионалниот проект финансиран преку ФАО, а покрај кај нас, се имплементира и во Ерменија, Таџикистан и Киргистан, земји кои се соочуваат со исти или слични проблеми.

- Недостаток од национални сорти и зависност од увоз на семе. Недостаток на национални капацитети за селекција на нови сорти и одржување на локални сорти и популации.  Недостаток на пристап до информации и обуки за производство и употреба на квалитетен семенски материјал, изјави Силвана Манасиевска Симиќ, национална координаторка за сменски системи.

Во следниот период ќе се воведат и ќе се тестираат нови или локални сорти и популации кои се отпорни на топлина и особено на суша, со кои индивидуалните земјоделци и земјоделските стопанства ќе можат да остварат оптимални приноси, но и да бидат конкурентни на пазарот.