Како општество, треба уште да работиме на промена на ставовите кон лицата со попреченост, вели Јаневска

Општините имаат обврска да обезбедат по едно лице-толкувач и за луѓето со оштетен вид и за луѓето со оштетен слух и говор, да им помагаат во различни ситуации (кога одат на лекар, во аптека,...). Колку што ми е познато, во одредени општини ова функционира, но ќе мора да се прошири на територијата на целата држава. Стандардизацијата на знаковниот јазик е еден од предизвиците што ќе треба во иднина да се реши и сигурна сум дека ќе се реши. Во однос на употребата на знаковниот јазик, државата колку што може помага тоа да биде достапно за луѓето со оштетен слух и говор и секако, со тек на време ќе се потрудиме да го обезбедиме секаде каде што е најнеопходно, многу широко низ државата, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска која присуствуваше на одбележувањето на Меѓународниот ден на знаковниот јазик, 23 Септември, во ДСУРЦ „Партенија Зографски“.
Јаневска напомена дека како општество, треба уште да работиме на промена на ставовите кон лицата со попреченост.
-Подигнувањето на свеста за нивните права, едукативните активности и комуникација, се начини на борба против стигмата и дискриминацијата, кои не се наша обврска само поради потпишаните документи, туку се наша човечка должност кон секого. Затоа, неопходно е секој од нас да направи чекор за приближување кон лицата со оштетен слух. Да научиме по нешто од знаковниот јазик и така овие луѓе ќе се чувствуваат попријатно во секоја средина каде што се движат и работат, потенцира министерката во обраќањето.
Таа потсети дека Македонија е потписничка на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
-Тоа значи дека имаме обврска да ги почитуваме принципите на инклузија и недискриминација и да ги вклучуваме децата и младите со попреченост во образовниот систем, прилагодувајќи го кон индивидуалните потреби. Како Министерство, работиме на отстранување на бариерите и соработуваме со училиштата со ресурсни центри во обезбедувањето дидактички материјали, асистивна технологија и поддршка во употребата на знаковниот јазик. Обезбедуваме континуирани обуки за наставниците за изучување на знаковниот јазик. Зашто, од тоа зависи квалитетот на образованието што ќе го добијат учениците, истакна Јаневска.
Според неа, во ДСУРЦ „Партенија Зографски“, наставниците покажуваат дека може да се најде соодветен начин и средства за комуникација со секое дете, согласно неговите можности.
-Тоа многу ме радува зашто сите наши деца имаат право да учат, да знаат и да стекнуваат вештини кои ќе им користат во животот и работата. Децата со посебни образовни потреби имаат потенцијал да постигнат многу, доколку добијат поголема поддршка од семејството, училиштето и средината во која растат и се развиваат, порача министерката.
Дополни и дека одбележувањето на Меѓународниот ден на знаковниот јазик е добра можност за подигнување на свесноста за децата и лицата со оштетен слух.
-Знаковниот јазик им помага да се „слушнат“ меѓу себе и нив да ги чујат другите. Тој им го олеснува образованието, рече Јаневска и додаде дека подобрувањето на инклузивноста и пристапноста не е само работа на институциите, туку и индивидуална одлука.
На настанот се обратија и претседателот на Собранието Африм Гаши, како и директорката на училиштето, Слободанка Џеповска.
-Знаковниот јазик не е само обичен, мајчин јазик на нашите ученици, туку е темел и вредност, мост за промоција и соработка со сите општествени чинители. ДСУРЦ „Партенија Зографски“ единственото училиште во Република Македонија во кое се образуваат учениците со оштетен слух и говор. Тоа не е само место каде што се образуваат, туку е место во кое го имаме како извор и како темел, како идентитет на нашето училиште, токму знаковниот јазик. Особено сме благодарни на државата и на министерката зашто од минатата година можеме да се пофалиме дека сме веќе ресурсен центар. Ресурсот што овде го имаме во поглед на користење и употреба на знаковниот јазик го проширивме на целата територија на државата, во секое училиште каде што детето одлучило и родителот да се школуваат. Следни предизвици ни се, секако, подобрување на процесот за стандардизација на знаковниот јазик, воведување предмет знаковен јазик и поголема имплементација на глувите лица во средината во којашто живеат, порача Џеповска.
Министерката Јаневска информира дека ова училиште е предвидено за темелна реконструкција веднаш по завршување на изградбата на студентските домови во Македонија.
МИА
Ново на Сител
-

Одбележани 130 години од изградбата на храмот „Свети великомаченик Димитриј“ во Скопје
-

Трамп бара истрага против демократите, ги обвини за „кривично дело“
-

Крвав напад во Краков: Најмалку шест загинати, уште три тела пронајдени во домот на напаѓачот
-

Осум српски полицајци уапсени за смртно претепување на братот на осомничениот за убиството на Данка Илиќ
-

Променливо облачно со сончеви периоди, попладне услови за дожд во западните делови од земјата
-

Андоновски: Целта е граѓаните што побрзо да ги почувствуваат придобивките од дигитализацијата
-

Марко Блажевски европски шампион - До титулата со доминантен настап во Италија
-

Клековски: Системот за рано предупредување за дроги ќе овозможи побрза заштита на здравјето на граѓаните
