Калас: Администрацијата на Трамп не сака силна Европска Унија

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп не поддржува единствена Европска Унија, бидејќи ЕУ е геополитичка сила што Вашингтон не може да ја игнорира, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, повикувајќи ги земјите-членки да не ја ослабуваат Унијата со билатерални договори со САД.
„Тие не ја сакаат Европската Унија, тоа е многу јасно“, рече Калас на конференција во Талин, објави бриселски „Политико“.
Таа додаде дека ниту Кина, ниту Русија, не сакаат силна и обединета Европска Унија.
„Мора да разбереме зошто тие не ја сакаат ЕУ. Ако сме обединети и дејствуваме заедно, тогаш сме рамноправна сила и сме силни“, изјави Калас.
Според неа, на големите сили им е полесно да соработуваат со поединечни држави отколку со блок што може да дејствува како рамноправен партнер.
Калас предупреди дека пораките како „имаме одлични односи со вашата земја, но не ја сакаме Европската Унија“ се дел од стратегијата „раздели па владеј“.
„Многу сум загрижена бидејќи понекогаш гледам дека и поединечните земји-членки одат во таа насока. Поделбите очигледно функционираат“, истакна таа.
Калас ги повика земјите-членки да го бранат единството на Унијата и да склучат сите важни договори со глобалните сили преку институциите на ЕУ.
Зборувајќи за односите со Кина, шефицата на европската дипломатија оцени дека Европа има „многу јасна дијагноза на проблемот“, но дека сè уште нема договор за решение.
Таа изјави дека ЕУ има две можности, да продолжи да ја субвенционира индустријата или да применува построги економски инструменти, вклучувајќи контрола на странски инвестиции, јавни набавки и диверзификација на снабдувањето со критични суровини.
„Ќе биде болно да се користат тие инструменти, бидејќи ќе следи одговор. Сè уште не сме стигнале до таа точка и се грижам дека дури и богатите земји на крајот ќе останат без парите на даночните обврзници за субвенции, без да се реши основниот проблем“, рече Калас.
МИА
Ново на Сител
-

Над 136 илјади туристи ја посетиле земјава во септември, најбројни од Турција, Србија, Германија и Полска
-

Седница за опозициски прашања во Собранието
-

Облачно и топло со утринска магла
-

Хет-трик на Стефан Ристиќ за голема победа на македонската репрезентација до 17 години над Унгарија
-

Андовски: Алта банка АД Битола ги исполнувала сите супервизорски стандарди пред воведувањето администрација
-

Сиљановска-Давкова на COP31: Климатската амбиција мора да се претвори во конкретно дејствување
-

Културата како мост за поврзување со Јапонија
-

Мицкоски: Ваква енергетска криза немало досега, но поскапувања на струјата кај нас ќе нема
