Кампања за безбедно возење за време на летните одмори
Зголемената фреквенција на моторни возила во летниот период заедно со покачените температури придонесуваат за зголемен број на сообраќајни незгоди и повредени и загинати лица на патиштата. Покрај заморот, брзината и алкохолот се главните причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и МВР денеска од Охрид ја најавија летната кампања под мотото „Вози одморен“ на која граѓаните имаа можност симулационо со специјални пијани очила да се уверат како би управувале под дејство на алкохол.
Од МВР најавија дека само во текот на изминатата ноќ во Охрид 28 возачи заработија казни поради тоа што управувале возило под дејство на алкохол, додека на ниво на државата во текот на вчерашниот ден изречени биле 574 санкции за управување возило со поголема брзина од дозволената.
Поради непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот, во земјава изминатата 2020 година 125 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди, а 5774 лица се повредени. Статистиката потврдува дека најголем број од сообраќајните незгоди со фатални последици се случуваат токму во летниот период.
-

Нина Аритоновска
Сите содржини од овој новинар
