Киев со остри критики по одлуката на САД да ги ублажат санкциите за рускиот дизел

Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро го критикуваше договорот меѓу претседателите на САД и Русија Доналд Трамп и Владимир Путин за испорака на руски дизел, предупредувајќи дека секое ублажување на ограничувањата за извоз на руски енергенси ќе ѝ помогне на Москва да ја финансира војната против Украина, пренесе германската новинска агенција ДПА.
-Да ѝ се дозволи на Русија да продава нафтени деривати е инвестиција во војната, која треба да биде запрена, а не продолжена - изјави Зеленски.
Украинскиот претседател повторно ја потврди подготвеноста на Украина да ги запре нападите врз руските рафинерии доколку Москва се согласи да ги прекине нападите врз украинските енергетски постројки.
-Токму таков договор ѝ предлагаме на Америка и веруваме дека моќта на САД е доволна за да се постигне таков компромис - додаде Зеленски.
Острата реакција од Киев следи откако Трамп изјави дека Русија се согласила да испорачува дизел-гориво за американскиот и за светскиот пазар со цел да помогне во намалувањето на цените.
Во објава на својата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social), Трамп синоќа наведе дека Путин се согласил со испораките за време на, како што го оцени, „исклучително успешен“ телефонски разговор меѓу двајцата лидери.
Трамп, чија Републиканска партија се соочува со сè поголемо незадоволство поради цените на горивата во пресрет на изборите за Конгресот на 3 ноември, изјави дека Русија веднаш ќе испорача повеќе од 300.000 тони дизел, по што во ноември ќе следуваат уште 500.000 тони, а кратко потоа и еден милион тони. Во зависност од состојбата на руските рафинерии, во краток период би можеле да бидат испорачани дополнителни три милиони тони, додаде тој.
Кремљ го потврди договорот, наведувајќи дека Русија е подготвена да испорачува нафта и нафтени деривати на сите пазари.
По изјавата на Трамп, американското Министерство за финансии издаде привремено исклучување од санкциите против Русија, со кое се дозволуваат продажба, испорака, истовар и увоз на руски дизел до 7 април 2027 година.
Енергетските аналитичари сметаат дека најавените испораки претставуваат многу мал дел од глобалната побарувачка за дизел и дека веројатно нема значително да влијаат врз цените. Сепак, договорот претставува уште еден нагол пресврт во често менуваниот пристап на Вашингтон кон Москва, забележува ДПА.
Трамп се соочува со сè поголем внатрешен притисок поради растот на цените на горивата пред изборите за американскиот Конгрес. Цените на горивата растат на глобално ниво поради војната со Иран и нарушувањата во поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина, клучна рута за светските испораки на нафта.
Трамп во повеќе наврати го обвини Зеленски за глобалниот недостиг од дизел и ја повика Украина да ги прекине нападите врз руските рафинерии.
Американскиот претседател на социјалната мрежа наведе и дека договорот со Русија, во комбинација со „целосната контрола“ на Вашингтон врз Ормуската Теснина, ќе доведе до нагло намалување на цените на дизелот.
„Пониските цени за Американците, особено за нашите одлични земјоделци, сточари и возачи на камиони, се мој најголем приоритет“, напиша Трамп.
МИА
Ново на Сител
-

Изложба по повод 80 години од пренесувањето на посмртните останки на Гоце Делчев во Скопје
-

Трамп: Норвешка има „неизбришлива дамка“ зашто не ми додели Нобелова награда за мир
-

Анкета на МКД.мк: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и натаму во убедливо водство
-

Киев со остри критики по одлуката на САД да ги ублажат санкциите за рускиот дизел
-

Прогласена „голема катастрофа“ во Панама по силниот земјотрес со магнитуда од 7,7 степени
-

На парламентарните избори во Србија ќе учествуваат 18 партии и коалиции
-

Облачно со локални врнежи од дожд
-

Србија не поканила делегација на Европскиот парламент да ги набљудува парламентарните избори
