Ќе добие ли еколошката такса европско знаменце - Опозицијата не се откажува од блокада
Екотаксата за горивата засега останува во парламентот без европско знаменце, но ваквата опција, како и други опции за да помине што побрзо во Собранието се отворени бидејќи придобивките од мерката се огромни, вели премиерот Зоран Заев.
Прашањето дали измените на законот за животна средина ќе одат во Собранието како европски е значајно бидејќи со тоа се скратуваат роковите за дебата и може да се спречи најавената блокада на мерката.
Опозицијата застанува контра најавите поскапувањето на бензините за еколошки цели да се внесе со европско знаменце. Од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму сметаат дека не се работи за еколошка такса туку дополнителна давачка што ќе ги осиромаши граѓаните.
Од Левица пак, најавуваат над 700 амандмани на законот, но предлагаат и ВМРО-ДПМНЕ да ги искористи деловничките можности за да ја одолговлечи процедурата.
Од албанската опозиција пак, која исто така е против мерката, неофицијално велат дека освен нивни амандмани, ќе бараат превод и на сите амандмани за да го одложат донесувањето на мерката.
Измените на законот за животна средина кои се веќе во Собранието се во скратена постапка без европско знаменце. Првата можност парламентот да расправа за овие измени ќе ја има утре, но тоа се уште не извесно.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
