Трка со календарот за Македонските возачи: Николоски најавува договор за визи и со Австрија
Австрија најверојатно ќе биде следната европска земја која ќе им отвори пат на македонските професионални возачи со долгорочни визи. Министерот за транспорт Николоски вели дека разговорите со австриските власти се интензивни и очекува наскоро да има позитивни вести. Вакви договори земјава веќе има со Швајцарија, Хрватска и Романија, а сега целта е истиот модел да се постигне и со Австрија. На листата за преговори се и Унгарија, Словенија и Германија.
Договорите мора да одат со секоја држава одделно.
„Има неколку земји членки на Шенген зоната коишто не сакаат да има заедничко решение на сите земји членки. За жал, и визните правила се правила коишто се носат со консензус на ниво на Европска Унија, односно во случајов на Шенген зона, и затоа решението е билатерално и ние билатерално работиме“, изјави Николоски.
Договорот со Австрија би бил значаен за македонските превозници бидејќи една од главните транспортни рути кон Европа минува токму преку Австрија и Германија. Другите важни рути се преку Хрватска и Словенија, а дел од превозниците продолжуваат и кон Франција и Велика Британија.
Николоски вели дека за проблемот се разговара веќе осум месеци и дека неговото решавање е важно не само за превозниците, туку и за компаниите кои извезуваат и увезуваат стока.
„Ние можеме што сакаме да зборуваме овде, но ако нема начин како добро да ја изнесеме стоката од Македонија во Австрија и од Австрија во Македонија, џабе разговараме. Во 21 век, со признати либерализации, со земја кандидат за членство во ЕУ која ги започна преговорите, да разговараме дали македонски превозник кога ќе се качи во камион треба да ги брои деновите, часовите и минутите колку престојува и да брза да се врати назад, а ако не се врати, прашање е дали возачот ќе замине зад решетки...Мислам дека разговараме за апсурд“, порача Николоски.
Превозниците се откажаа од најавените блокади кои требаше да почнат во понеделникот и дадоа уште шанса за дијалог. Тие осум месеци чекаат решение откако Европската Унија во екот на граничните блокади ги призна како професионалци и им вети дека проблемот ќе биде решен, но и до ден денес нема никаков напредок. Во меѓувреме, бројот на возачи кои го немаат надминато лимитот од 90 во 180 дена постојано се намалува што создава притисок во транспортот.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
