Македонија
29. August 2023 - 16:48

Ќе има ли постапка за фирмата од Желино која донирала 6 пати повеќе од дозволеното на партиската сметка на ДУИ?

Обвинителството нема отворено предмет за компанијата ЕУРОВИА и нејзиниот сопственик по однос на информациите дека донирала во ДУИ повеќе средства од што предвидува законот. Оттаму за Сител велат, досега нема пријава за овој случај, но не ја исклучуваат можноста да преземат дејствија во иднина. Антикорупциска веќе ја стави под лупа фирмата од Желино која доби тендер од 1,8 милиони евра од МНР за да организира настан на ОБСЕ во салата Борис Трајковски. 

ВМРО ДПМНЕ побара од  министерот Османи детално да ја презентира тендерската постапка, поради сомнежите за корупција и врската помеѓу ДУИ и фирмата чиј сопственик е внук на поранешниот министер од ДУИ Абдулаќим Адеми.

- ВМРО ДПМНЕ да не шири шпекулации кои одат на штета на дипломатијата на државата реагираат од МНР. И денеска преку соопштение тврдат дека фирмата ЕУРОВИА била најповолен понудувач на тендерот а тие согласно законот биле должи да ја изберат најниската понуда. 

За донациите кои ги давала ЕУРОВИА во ДУИ, новинарите побараа одговор и од министерот за економија Бектеши, кој возврати со контраобвинувања кон ВМРО ДПМНЕ и лидерот Мицкоски. Тој додаде дека е  неетички да се споменуваат починати лица за дневно политички цели од било која партија.  

Во извештајот на УЈП за поднесени пријави од политичките партии за 2022г, стои износот кој го донирала фирмата ЕУРОВИА во висина од 1. 845000 денари како и сумата која донирал сопственикот Ељмедин лично на партијата и дал нешто над 2,5 милиони денари.

Согласно законот за финансирање политички партии, внукот на Адеми, имал право да донира максимум 30 просечни нето плати а тој уплатил на партиската сметка 6 пати повеќе. Додека пак за правно лице, законот вели дозволено е да донира во политичка партија сума во висина  од 60 просечни нето-плати, што според износот кој го префрлиле ЕУРОВИА, тоа е 2 ипол пати повеќе.