Македонија
23. August 2026 - 16:44

Македонија има најмногу заболени од западнонилска треска на милион жители во Европа

Македонија има највисока стапка на заболени од западнонилска треска на милион жители во Европа. Вирусна инфекција која ја пренесуваат комарци и птици е пријавена во 12 европски држави, први случаи регистрираа и Австрија, Албанија, Германија. 

Според последниот неделен извештај на Европскиот Центар за превенција и контрола на болести до петокот кога од земјава биле пријавени 37 инфицирани, на еден милион население тоа се околу 20 случаи. Иако во Италија, Грција и Шпанија има многу повеќе заболени, споредено со големината на државите Македонија има 1,3 пати повеќе случаи според жители од Грција, речиси 4 пати повеќе од Италија, 14 пати повеќе од Романија. 23 пати повеќе од Шпанија. 

Во меѓувреме бројот на заболени во земјава се искачи на 43 лица.

Освен бројот на инфицирани, Македонија има и највисока стапка на смртност во Европа. Со досегашните 5 починати тоа е 2.7 на милион жители, со процент на смртност 11,6.

Од инфективната клиника велат дека сите починати имале и други претходни заболувања, а возраста била дополнителен ризик фактор за неповолен исход во лекувањето.

Од опозициската СДСМ и денеска ја обвинија Власта за лошо справување со епидемијата на западнонилската треска.

- СДСМ бара повторно: Формирање Национален оперативен штаб со јасна одговорност, Национална GIS карта на епидемијата и ризикот. 

Интензивен ентомолошки надзор, тестирање на комарци за западно-нилски вирус. 

Мапирање и уништување на местата за размножување, интегрирана контрола на векторите, јавен дневен извештај за состојбата и проценка на ризикот во цела држава. Доста беа импровизации, за здравјето на луѓето се работи, изјави Симона Цветаноски – членка на Извршниот одбор.

Властите во петокот изјавија дека биле мапирани 34 ризични точки во скопскиот регион на кои ќе се врши теренско прскање против комарци за да се спречи ширење на заразната болест.