Македонија
3. November 2021 - 16:47

Ќе има ли прегласување во некои општини?

ДИК денеска одлучува по 23 приговори поднесени за општините каде има мала разлика во изборниот резултат. По 7 приговори поднеле партиите СДСМ и ТМРО,  5 од ДУИ,  3  од група избирачи и еден приговор поднеле од ВМРО ДПМНЕ. Од членовите на ДИК ќе зависи дали и каде би имало прегласување што може да доведе до поинаков исход од вториот изборен круг. Приговорите се однесуваат на избирачки места во Општини каде градоначалничката функција е освоена со мала разлика во гласовите. Најтесна победа беше издвоена во општина Кочани каде беше избран градоначалник од ВМРО ДПМНЕ со само 16 гласа повеќе и за оваа општина пристигнати се 3 приговори од СДСМ. Од останатите поднесени приговори од СДСМ , 1 се однесува за гласачко место во О.Конче каде ја изгубија градоначалничката позиција со 23 гласа помалку од противкандидатот. 3 од приговорите поднесени од СДСМ се однесуваат на избирачки места во Шуто Оризари и Чешиново Облешево. Само 1 приговор е поднесен од ВМРО ДПМНЕ за гласачко место во Пробиштип, но разликата е малку поголема во гласови.  

Од ДИК ќе зависи и дали ќе се прегласува во 3 гласачки места во О. Брвеница каде независниот кандидат загуби со 36 гласа од кандидатот на ВМРО ДПМНЕ. Тесна битка имаше и во О. Студеничани за што приговараат од ДУИ за резултатите од  3 гласачки места. Тие ги загубија изборите со 59 гласа помалку од оние на противникот од ДПА кој победи на изборите. ДУИ реагира со 2 приговори и за избирачки места во Желино каде разликата е тесна и изнесува 69 гласови разлика и победа за кандидатот од БЕСА.

ТМРО сите 7 приговори ги поднеле за избирачки места во О. Старо Нагоричане но таму разликата брои 811 гласови.

Државната изборна комисија има 72 часа да постапи и одлучи по поднесените приговори по што ќе се знае дали и каде ќе се прегласува доколку приговорите можат да влијаат врз промена на избраниот кандидат.