Македонија
6. February 2024 - 16:36

Ќе извисат ли ангажираните со договор на дело во здравството за трајно вработување?

Една недела до распишување на изборите, а нема абер од огласи за најавеното трајно вработување на 1117 лица ангажирани со договор на дело во здравството. Од здравство тврдат дека сите барања за потребниот кадар во болниците и клиниките уште на 23 јануари ги испратиле во министерството за финансии, но се уште не добиле согласности. Според Меџити дополнително отежнување во процесот е и врзаниот потпис поради смена на заменичките места.

-Ги повикувам ова да се реши и ќе се реши дали сега или за неколку месецфи бидејќи се распишуваат избори и јас не можам да влијаам на тоа, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Револтирани дека ќе бидат извисени и покрај ветувањата за трајно вработување,  ангажираните со договор на дело на скопските клиники за утре најавија и протест зошто со години работат за 12.000 денари и без здравстввено осигурување. Министерот им даде целосна подршка во намерата да протестираат.

-Јас како министер Фатмир Меџити ги подржувам и ќе штрајкувам со нив, додаде Меџити.

Досега само во 2 здравствени установи меѓу кои и во Клиничката болница Тетово има огласи за вработувања.

Зошто постапката тапка во место од министерството за финансии не добивме став.

Трајно вработување на “договорци” во здравството беше најавено на официјална прес конференција во Владата пред Нова година од страна на Ковачевски, Бесими и Меџити, но се уште нема реализација.

Во меѓувреме дел од овие лица немаат ниту нови договори и работат без пари во здравствените установи.