Ќучук: Историјата да се остави на историчарите, добрососедството е дел од условите
Билатерален формат на разговори и враќање на меѓусебната доверба. Мешовитата Комисија меѓу Скопје и Софија треба да продолжи со работа, но политичарите се тие кои ги носат одлуките. Ова е ставот на бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, известител за Македонија по средбата со шефот на дипломатијата Османи во Скопје за последните односи меѓу Бугарија и Македонија во контекст на евроинтеграциите.
Ќучук не прецизираше дали историјата и јазикот треба да бидат дел од преговарачката рамка за Македонија со Брисел како што бара неговата матична држава, но вели дека добрососедските односи секако се услов за почеток на преговори.
Османи, пак информираше дека во завршна фаза е заедничкиот акциски план меѓу дипломатиите на Скопје и Софија за надминување на разликите. Новиот помалку емоционален пристап што го најави вчера вели дека значи државите да ја враќаат меѓусебната доверба првично преку соработка во други области, а не преку историските прашања.
Ќучук е во Скопје по повод Резолуцијата за Македонија што во комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент треба да помине на 3 март, а до крајот на идниот месец и на пленарна седница пред европратениците.
Известителот информираше дека во документот, кој не е обрзувачки, и овој пат ќе има препорака до Советот да ги почне преговорите со државата. Но, во резиолуцијата според Ќучук ќе има и нотиран регрес во одредени области, иако не сакаше да открие во кои. Длабоките реформи мора да продолжат, вели европратеникот, а во нив треба придонес да има и опозицијата.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
