Македонија
3. January 2026 - 16:44

Клиниката Козле полна со болни деца – за 24 часа и по 250 прегледи

Полни ходници со болни деца – слика карактеристична за работен ден а не за викенд.

Во клиниката за белодоробни заболувања Козле само до пладне имале над 100 прегледи што укажува на масовно ширење на грипот и останатите респираторни инфекции. Капацитетите се исполнети и има 80 пациенти кои поради компликации се под постојан болнички надзор. 

-Мешањето е најголема причина за ширењето на вирусите. Празниците си го направија своето. Речиси сите дечиња се со високи температури и до 40 степени, траат долго време, со кашлица и тоа доведува и до воспаление на белите дробови, пневмонии, бронхити кои побаруваат и болнички третман. Моментално ни се исполнети сите капацитети, чуваме само некое место за итни случаи, вели д-р Христијан Несторов, од Клиника за белодробни заболувања Козле. 

За сезонскиот грип доктор Несторов вели дека многу повеќе се шири годинава и дава висока температура што најмногу ги плаши родителите. Пациентите кои бараат лекарска помош во Козле се од доенчиња до деца на школска возраст и оние со тешка клиничка слика се на кислородна поддршка.  

-Моментално имаме 6 деца кои се на кислородна поддршка. Тие поради пообилно воспаление на белите дробови доаѓа до паѓање на кислородната сатурација и даваме поддршка за да ја одржуваме во нормални граници, вели д-р Несторов. 

Освен во Козле гужви и голем број на хоспитализирани болни деца со компликации од респираторни инфекции има и на Клиниката за детски болести.

А дека грипот веќе има регионална распространетост покажува и извештајот на Институтот за јавно здравје. Во последната недела од 2025 биле пријавени 771 случај што е за 2,5 пати повеќе од претходно анализираниот период. Околу 250 од овие случаи се деца до 14 годишна возраст.