Македонија
27. January 2026 - 12:12

Кочани пред капитален проект, старечки дом за 150 лица

До крајот на неделата ќе има избор на наjповолен изведувач за изградба на првиот дом за стари лица во Кочани. Објектот ќе се гради на просторот кај поранешната касарна и претставува еден од поголемите капитални проекти за градот и поширокиот регион. Во моментот службите за јавни набавки при локалната самоуправа вршат административна и техничка проверка на доставените понуди.

-На 15 јануари 2026 година ги отворивме понудите за изведувач на старечкиот дом во Кочани. Имаме пет апликанти. Ќе се распише аукцијата каде сите оние апликанти кои ги исполнуваат условите ќе може да аплицираат на негативната аукција и со тоа очекуваме избор на најповолен изведувач на стерчкиот дом во Кочани, изјави Владко Грозданов, градоначалник на Кочани.

Најважно за новите станари е тоа што цените на услугите нема да бидат како во приватните домови за стари лица, затоа што домот ќе биде во сопственост на државата

-Знаејќи го фактот дека во државата старечките домови се преполни, дека се бара место плус за згрижување на старо лице, овој капитален објект ќе е од огромно значење не само за Кочани, туку и за цела Источна Македонија. Проектиран е за згрижување на околу 150 стари лица, додаде Грозданов.

Според планираната динамика, по почетокот на градежните работи, изградбата на домот за стари лица треба да заврши во рок од две години. Со ова, Кочани ќе добие прв ваков објект, а воедно и втор старечки дом во Источна Македонија, покрај постојниот во Берово.