Кој ги лаже граѓаните на тема мигранти – Власта и опозицијата си разменија обвинувања
Кој ги лаже граѓаните на темата мигранти? Власта и опозицијата повторно се судрија на оваа тема откако британскиот амбасадор изјави дека никогаш немало договор за прифаќање мигранти помеѓу Македонија и Велика Британија.
Ова според Мицкоски ги разобличи лагите кои СДСМ ги ширеше со месеци, само да за создаде паника помеѓу граѓаните.
- Со месеци се пласираше приказна без ниту еден документ. Без ниту еден доказ. Без ниту една официјална потврда. Имаше само шпекулации. Денес, кога вистината е јасна и кога демантот дојде, станува очигледно дека јавноста била изложена на една безобразна политичка конструкција во низа. Но проблемот е многу поголем од оваа конкретна тема! Ова не е изолиран случај. Ова е еден длабоко деструктивен и потенцијално опасен модел на однесување на СДСМ, вели Мицкоски.
Од СДСМ пак иронично му возвратија дека му веруваат на оваа тема исто како што му веруваат дека ќе го поништи Преспанскиот договор и дека ќе го врати името.
- Како да не веруваме кога Мицкоски зборува за кампови и центри а никој освен него не ги споменува. Тие ќе си бидат сместени нормално, затоа и законите ги променија, тоа се „економски работници“. Случајно во Британија се најавува нов модел за доброволно враќање на семејствата кои се одбиени баратели на азил со плаќање на 10.000 функци по лице до максимум 40.000 фунти, како поттик да го напуштат Обединетото кралство. Веруваме дека сето ова е случајно, не се тоа „мигранти“, тоа се „економски работници“. Многу веруваме. И граѓаните многу веруваат Мицкоски, стои во реакцијата на СДСМ, чиј лидер претходно обвини и дека поради неспособноста на власта, евроинтеграции се закочени.
Прашан на оваа тема, Мицкоски вели дека Македонија нема добиено никаква понуда од ЕУ за забрзано членство. Можноста за влез во Унијата во 2027ма без право на глас засега е само идеја, а не конкретен предлог. По пишувањата на бриселски Политико дека оваа идеја не е прифатлива за клучните членки на ЕУ, Мицкоски вели дека ќе се воздржи од коментари за да не ги наруши позициите на државата.
- Во ЕУ се зрели дипломатии и тие нема да дадат никакво сценарио кое потоа би можело да биде одбиено од Европскиот совет. Ќе почекаме да видиме дали тоа што се зборува по ходниците ќе биде и сценарио или какво сценарио ќе добиеме. Јас засега ќе се воздржам од коментари бидејќи секаква реторика на Владата во моментов може да ги наруши позициите на земјата, вели премиерот Мицкоски
Мицкоски ја обвини опозицијата за ширење неточни информации и за наводно прикривање на случај со запленета дрога во Србија, за состојбата со пожарите во државата и за финансиската стабилност на пензискиот систем.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
