Македонија
21. April 2026 - 16:30

Кој ќе ги гони полицајците за „Пулс“?

Советот на јавни обвинители се прогласи за ненадлежен на барањето на Здружението на родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Родителите бараа обвинителката Ивана Алексова Трајчева да продолжи да ги води предметите за обвинетите полицајци. Барањето го испратија до Државното јавно обвинителство.

Претседателот на Советот Башким Бесими вели, нивната одлука е конечна, а распределувањето на предметите е во рацете на државниот јавен обвинител Ненад Савески.

-Ние го разгледавме тоа нивно барање и донесовме одлука да го испратиме до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија од причина што ти дадоа веќе еднаш известување. Да не доаѓа до контрадикторност. Да бидеме со една иста изјава. А нашата одлука за избор е конечна и извршна и тука не можеме ништо да влијаеме. Затоа истата таа претставка или молба ја препративме до ЈОРСМ. Тој цени за секој предмет кој јавен обвинител ќе ги работи, вели претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесими.

По барањето на родителите Савески во текот на оваа или наредната недела ќе има средба со родителите на загинатите.

Барањето на родителите дојде нешто по годишнината од трагедијата. Според нив, преминувањето на предметот кај нов обвинител кој ќе мора од почеток да се запознава со случајот и со обемните докази носи ризик од дополнителни одложувања и нарушување на континиутетот на постапката.