Кој направил поголем криминал? Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања
Кој направил поголем криминал и го оштетил буџетот? Недела ден за меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата.
Милионски суми се испумпани со фиктивни фактури по основ на поврат на ДДВ, велат од ВМРО ДПМНЕ. Во мрежата компании кои подолг период оперирале, често се менувале одговорните лица и сопственци, кои се од соседните земји, па тешко е да се лоцираат. Без помош од УЈП системот не би можел да функционира.
- Со жалење констатираме дека системот на контролен механизам во институциите е нефункционален, а тоа го потврдуваат случаите минатата година процесуирани од обвинителство за фиктивно фактурирање и злоупотреба на службена положба. Криминалните мрежи преку фиктивна документација, како и фиктивни фактури и фиктивна евиденција, го исцрпуваат даночниот потенцијал од Буџетот, а сведоци сме дека државните институции кои се задолжени да го контролираат истото изминатите години немаат преземено никакви мерки, изјави Бојан Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ.
ДПМНЕ е толку очајно што сакаат да ја загрозат постапката која е во тек, возвратија од СДСМ. Лукаревска јавно најави дека постои мрежа на нафтени компании кои сакале да го изиграат системот и да испумпаат пари од буџетот. Детали за целата постапка, која веќе е завршена, како и имиња на компаниите Лукаревска најави за утре. Од власта ги обвинија градоначалниците на Битола и Велес, кои се од редовите на ДПМНЕ, дека машини кои чинат 2,3 илјади евра ги купиле за 50, однсно 42 илјади евра
- Станува збор за разлика од 47.000 евра! Иста таква машина набавила и општина Велес по исто така астрономска сума од 42.000 евра. Разлика од речиси 40.000 евра. Прашањето е во чии џебови завршила разликата? Особено имајќи предвид дека општина Илинден набавила иста таква машина по три пати помала цена од оние во Велес и Битола.
Машините се најсовремени, и не е една, туку 2 за 50 илјади евра, возвратија од опозицијата. Исти вакви, од истиот производител имаат набавено и општина Центар и Струмица. Ако е криминал, бараат одгворност и од градоначалниците од нивните редови, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
