Македонија
30. April 2022 - 16:31

Кој се ќе присуствува на отворањето на спомен кулата на УЧК во Слупчане?

Пуштање на споменикот на УЧК во Слупчане на празникот Рамазан Бајрам ќе биде без одржување на верски обред. 

Изградбата на спомен кулата висока над 20 метри беше најавена лани, а свеченоста е закажана токму за најголемиот муслимански празник. Од ИВЗ велат дека тоа е во организација на локалната власт и не потврдија присуство на настанот.  

Споменикот висок над 20 метри го градеше општината во чест на УЧК. Градоначалникот Еркан Арифи го најави настанот и напиша 

„За тоа што мачениите го дадоа за нашата слобода, ние ја поставивме спомен кулата за да го одбележиме нивното херојско дело за цел живот“. Во селото има и музеј на ОНА, а за овој проект чини 200 000 евра. 

На настанот ќе присуствува лидерот на ДУИ Али Ахмети и членови на високото раководство на партијата, но не и спикерот Талат Џафери, кој вчера рече дека свеченоста е на Рамазан Бајрам, а за Бајрам се седи дома. 

Од Владата нема одговор дали добиле покана за овој настан и кој ќе присуствува. Не го коментираат ниту проектот за кој се потрошени илјадници евра и покрај апелите на Владата за штедење. 

Во услови на економска криза не коментираат дали е спорно општините да одвојат толкав дел од буџетските средства за споменици. 

Во меѓувреме изградба на спомен обележје најави и градоначалникот на Куманово за бранителите од конфликтот во 2001г, како и за припадниците на безбедносните сили кои загинаа во кумановско диво насеље. 

-Очекувам на некоја од следните седници на Советот на Општина Куманово едногласно од сите политички партии да се прифати иницијативата на здружението на ветераните „ЗАПВАРС“ од Куманово за изградба на спомен обележје на сите кумановски бранители од 2001 година, вклучувајќи ги и припадниците на МВР од кумановските настани од 2015 година. Тие нѐ задолжија, тоа е наша обврска која до ден денес не е исполнета, напиша Димитриевски.