Македонија
30. August 2026 - 19:53

Невремето во пробиштипско го отави Штип без вода за пиење

Штип од денеска од 14 часот е без вода за пиење, откако Филтер станицата беше исклучена од цевководот на хидросистемот „Злетовица“. Причината е значително зголемената заматеност на суровата вода која пристигнува од браната Кнежево.

На вонредна прес-конференција, директорот на ЈП „Исар“ – Штип, Александар Арсовски, информираше дека проблемот е последица на синоќешното невреме кое го зафати пробиштипскиот регион.

Поради состојбата, хидросистемот „Злетовица“ се соочува со потешкотии во снабдувањето со сурова вода на сите општини кои се приклучени на системот.

-Ние сме во можност да преработуваме матна вода со параметри од околу 50 NTU, а во моментов примаме матна вода со над 400 NTU. Екипите на „Злетовица“ и на ЈП „Исар“ координарно работат за надминување на овој проблем со водоснабдувањето, изјави Александар Арсовски, директор на ЈП „Исар“- Штип.

Во моментот не може точно да се прецизира  кога може да се очекува нормализирање на водоснабдувањето во градот, односно, кога филтер станицата повторно ќе биде во состојба да преработува сурова вода. 

-Трасата по која пристигнува суровата вода е долга повеќе од 30 километри, поради што не може со сигурност да се каже кога ќе се создадат услови за повторно започнување на процесот. Работиме на случајот и правиме сè што е во наша моќ, со цел да ги заштитиме граѓаните и тие да добијат чиста и хемиско-бактериолошки исправна вода за пиење. Од друга страна, неопходно е да се заштити и целокупниот автоматизиран процес, односно опремата во фабриката за преработка на вода, додаде Арсовски

Бунарскиот систем, од каде градот претходно се снабдуваше со вода за пиење и кој беше оставен како резерва за вакви и слични ситуации, не може да се активира, бидејќи клучната опрема е украдена, а на претпријатието му е нанесена огромна материјална штета.