Кој се влезе во трката за градоначалник на Штип?
Пет кандидати ќе ја побараат поддршката од штипјани на претстојните избори за градоначалник на Штип, закажани за 13 декември. До синоќа на полноќ, кандидатури за учество во изборната трка поднеле, од СДСМ, интервентниот кардиолог д-р Сашко Николов, кој е и актуелен пратеник во македонското Собрание. Од партијата ТМРО е кандидиран музичарот Лазар Наумов, од Коалицијата „Иднината во наши раце“, Гоце Анѓелов, од ИНТЕГРА Македонска конзервативна парија, Симон Поликарп и група избирачи, Трајче Митев.
- Сега наша задача е во рок од 24 часа да видиме кои кандидатури се според изборниот Закон, кои имаат мали технички недостатоци ги враќаме на дополнување, а потоа даваме решение за потврда, изјави Сенка Андреева, претседател на ОИК-Штип.
Најголемо изненадување е кандидатот од редовите на Македонската конзервативна партија ИНТЕГРА, која за градоначалник го предлага Симон Поликарп, помеѓу штипјани попознат како Џими. Поликарп е натурализиран македонец со потекло од Нигерија кој во пошироката македонска јавност стана познат откако се појави во рекламен спот и во скеч на култната емисија К-15. Доколку победи на изборите, Штип ќе биде втор град на Балканот со црн градоначалник, после словенечкиот Пиран, каде во 2010 година беше избран Питер Босман по потекло од Гана.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ нема свој кандидат. Предизборната кампања започнува на 23 ноември.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар