Цвета Ристовска е нов заменик претседател на Антикорупциска
Антикорупциска има нов заменик претседател. Во следниот период, но не подолго од шест месеци со институцијата ќе раководи Цвета Ристовска. Избрана беше денеска на седница на комисијата откако истече шест месечниот мандат на Билјана Каракашова Шулев. Изборот е направен според системот на ротација предвиден со Законот кој го уредува работењето на Државната комисија за спречување на корупција.
На заменичкото место, Ристовска ќе застане во четврток. Таа го водеше предметот против директорот на АНБ во кој беше оспорена неговата факултетска диплома, земена од факултетот во која таа повремено била ангажирана како предавач. Тогаш ги негираше тврдењата дека е дел од наставниот кадар..
ДКСК веќе половина година е управувана од заменик претседател откако беше отворена истрага против Татјана Димитровска. Јавното обвинителство најпрво и забрани пристап до поштата на институцијата и постапување по предмети, а потоа и поднесе и обвинение за оддавање службена тајна, а ја гони и за компјутерски фалсификат бидејќи во нејзино име друг го полагал тестот за безбедносен сертификат.
Ваквите случувања, според новоизбраниот заменик претеседател, не влијаат врз работата на антикорупциска. Комисијата постапувала според своите надлежности, а случајот со Димитровска веќе бил во раце на правосудните органи.
Откако доби обвинение, Димитровска поднесе оставка, па Собранието почна постапка за избор на нов претседател, но заради претстојните локални избори, процесот е ставен во мирување. Се избра само комисија за селекција на кандидатите.
Денеска пак истекува рокот за поднесување кандидатури за нов претседател. До Собранието пристигнале 13 апликации, но ќе се чекаат и пријави испратени по пошта. Дали пријавените ги исполнуваат критериумите треба да одлучува комисијата за селекција, но тоа ќе го прави дури по целосно завршување на локалните избори во ноември.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар