Македонија
2. July 2021 - 16:42

Комисијата за заразни болести во понеделник ќе одлучува за заштита од индискиот сој

Комисијата за заразни болести во понеделник ќе одлучува дали државата треба да воведе мерки на границите за да се спречи ширење на Делта сојот на коронавирусот. Според министерот Филипче евентуалните ограничувања би се однесувале само за граничните премини дали да се бара ПЦР тест, задолжителна вакцинација или карантин за граѓаните кои доаѓаат од земји во кои има многу случаи со оваа мутација.  Министерот вели дека засега не се планира враќање на претходните рестрикции.

-Ќе разговараме во однос за границите да се процени ризикот и дали тоа е вистинска мерка, рече Венко Филипче, министер за здравство.

Откако Делта мутацијата од Индија се рашири низ Европа, многу земји најавуваат враќање на мерките. Ситуацијата будно ја следат и во Хрватска.

Главното оружје на сите држави против новите соеви на вирусот се вакцините, тврдат експерти. Хрватска денеска ни донираше 10.000 дози Астра Зенека, а најавија нова донација од 20.000 вакцини.

Според планот на здравствените власти до наредниоот петок ќе бидат извакцинирани сите пријавени на сајтот, но според Филипче бројката од 500.000 имунизирани граѓани не е доволна за колективен имунитет.