Македонија
11. November 2026 - 9:56

Компаниите што редовно исплаќале плати преку „АЛТА банка“ ќе можат да вршат исплата на плати и придонеси

Компаниите што во последните три месеци редовно исплаќале плати преку „АЛТА банка“ АД Битола ќе можат да продолжат со исплата на платите на вработените, заедно со уплатата на соодветните даноци и придонеси. Ова го овозможува најновата измена на Решението за администрација на Народната банка, со која постепено се олеснуваат ограничувањата за клиентите на Банката.

Можноста се однесува на компаниите за кои исплатата на плати преку платежните сметки во „АЛТА банка“ била воспоставена практика, односно кои континуирано ја користеле Банката за оваа намена во трите месеци пред донесувањето на одлуката.

Притоа, износот на средствата што компаниите ќе можат да ги користат од своите платежни сметки за исплата на плати може да биде до пет проценти повисок од вкупниот износ на платите исплатени во октомври.

Од Народната банка посочуваат дека со оваа измена се овозможува продолжување на постојните текови на исплата и исполнување на обврските кон вработените и државата, а истовремено се задржува контролата врз одливите на средства од Банката.

Со измените се овозможува и физичките лица во целост да располагаат со новите приливи на нивните сметки во „АЛТА банка“, доколку средствата се префрлени од платежни сметки отворени во други банки или кај други даватели на платежни услуги.

Тоа значи дека граѓаните без ограничување на износот ќе можат да ги користат дополнителните средства што ќе им бидат уплатени од други финансиски институции.

Народната банка наведува дека внимателно ја следи состојбата во „АЛТА банка“ и продолжува со приспособување на мерките, земајќи ги предвид условите за работење на Банката и потребите на нејзините клиенти.

Приоритет, како што посочуваат, остануваат заштитата на интересите на клиентите и постепеното олеснување на ограничувањата, со задржување на соодветната контрола врз одливите на средства.

МИА

Ново на Сител