Македонија
9. July 2023 - 16:32

Комунална не работи, Скопје се гуши во отпад

Скопје тоне во отпад, градот личи на дива депонија поради бојкотот на вработените во комунална. Три дена се преполнуваат контејнерите а отпад има и околу на улиците. Вработените реагираат поради отказ на десетици редовно вработени и времено ангажирани работници, а како што тие тврдат биле избркани без образложение. Ситуацијата ескалираше откако доцна вечерта група вработени излегоа на протест пред просториите на комунална. Директорката дојде со полиција, но работниците не ја почнаа смената. Мазнева пријавила во станица дека одредена група ги попречува вработените да извршуваат работни задачи. Таа тврди дека добивала и закани по живот. Од МВР потврдија дека е поднесена пријава и сооптија дека е известен јавен обвинител. ОЈО Скопје информира дека се испитува случајот дали има елементи на кривично дело.

На социјалните мрежи излезе видео од разговор меѓу вработените и директорката во кој се слуша како таа се заканува со кривични пријави и отказни решенија на сите кои ќе нема да дојдат на работа.

Синдикалниот лидер, Дали Дардишта за Сител вели по 30 години, бил отпуштен од работа. Реагира дека со месеци нема слух од директорката за нивните барања и наместо прием, добивале уцени и закани од неа. Покачување на платите и дневници за недела, К-15 се дел од нивните барања. Во неколку наврати биле препраќани да се жалат во Град Скопје.

За став по овие случувања, ја побаравме директорката која во краток разговор рече дека е на состанок за да го реши проблемот, по што ќе ја информира јавноста. Од Град Скопје на прашањето како да се заштитат граѓаните од зарази и како ќе се реши проблемот велат директорката има целосна поддршка за обидот да стави ред во претпријатието.

- Нема повеќе плата од народни пари за неработниците,истото е став на градот од прв ден, мора да се расчисти со тие што не си ги вршат обврските или што воопшто не одат на работа а земаат плата. Партиските војници што мислат дека со закани и уцени ќе продолжат со прекршувања на законите во Македонија, треба да знаат дека нема повеќе да бидат толерирани, ни одговорија од Град Скопје.

Скопјани иако редовно си ги плаќаат сметки станаа жртви на несоодветното менаџирање.

На вчерашната прес-конференција, директорката на Комунална изјави дека сите вработени добиле повисока плата за 864 денари, и подготвена е нова пресметка за изедначување со минималната плата. Таа вети и К-15 но побара да се вратат на работа. Отказ тврди дека добиле само оние кои не доаѓале и не ги извршувале работните задачи, на останатите сезонски работници од кои немало потреба, не им биле продолжени договорите.