Македонија
24. March 2022 - 12:23

Конфекциите имаат работа но немаат работници

Ковид кризата без работа остави околу 7000 текстилни работници. Сега нарачките од странските партнери започнаа да растат, но нема кој да ги сработи. Во Германија се пласира дури 60 % од извозот на македонските текстилни производи, а се отвараат и нови можности за деловна соработка.

Последните денови имаме многу голема побарувачка за нашите производи и никој во Македонија не може да ги задоволи тие барања. Постојано нови фирми доаѓаат, дали некои работеле во Украина, а нашите капацитети се намалени, изјави Ангел Димитров, Здружени на работодавачи.

Недостаток од работна рака е комплексен проблем, зашто праксата покажува дека испразнетите работни места не се пополнуваат со млад кадар кој чека работа во Агенцијата за вработување. 

Интересот на младите луѓе е многу мал. Малку повеќе од 20% се со средно, но за жал, не стручно образование, туку од другите општествени науки и имаме еден процент на луѓе кои се со факултети, дури и доктори на науки, кои чекаат работа за своето занимање за кое се школувале, а за жал, за тоа занимање немаме работа, додаде Димитров.

Анализите покажале дека доколку не се случат некои коренити промени, текстилната индустрија во Македонија ќе замре за една декада.

Таа индустрија која ги има работничките, чиј просек е 50-55 години, уште само десетина години ќе им носи профит на работодавачите. После тој период, јас навистина не знам што ќе прават, не знам што ќе преземе државата да привлече нови вработени, за да го направи текстилниот сектор привлечен, изјави Милан Петковски, Македонско здружени за заштита при работа.

Текстилството е втора по големина индустриска гранка во земјата, која пред пандемијата имаше 35 000 вработени.