Конференција: Жените и понатаму се одговорни за најголемиот дел од неплатените обврски за грижа, што го ограничува нивното учество на пазарот на труд

Работата во областа на грижата и понатаму е една од главните пречки за родовата еднаквост во светот. На глобално ниво, жените извршуваат 76,2 проценти од неплатената работа на грижа и поминуваат во просек 3,2 пати повеќе време на неплатена грижа отколку мажите - што е еквивалентно на приближно 4 часа и 25 минути дневно во споредба со 1 час и 23 минути за мажите. Во Северна Македонија, жените и понатаму се одговорни за најголемиот дел од неплатените обврски за грижа, што го ограничува нивното учество на пазарот на труд и придонесува за постојаните родови нееднаквости.
Ова се дел од податоците споделени денеска на конференцијата „Трансформација на системите за грижа во Северна Македонија преку инклузивен, родово-одговорен пристап", што се одржа во организација на UN Women, во партнерство со националните институции и со поддршка на Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство (ФЦДО) и Британската амбасада во Скопје.
На конференцијата учествуваа клучните инволвирани страни со цел да се забрзаат реформите и да се зајакне економијата на грижа на земјата, со што се обезбеди платформа за дискусија за решенија на политиките, презентирање на клучни наоди и препораки за реформа на системот на грижа, како и споделување на европски и меѓународни добри практики.
На настанот присуствуваа претставници на јавни институции, општините, академската заедница, граѓанското општество, синдикатите и организациите на работодавачи, како и на дипломатската заедница, меѓународните организации и развојните партнери, и се истакна важноста на координираното и мултисекторско дејствување во справувањето со предизвиците поврзани со грижата.
- Денес Северна Македонија прави значаен стратешки пресврт преку инвестирање во економијата на грижа. Инвестираме во услуги за помош и нега во домот, лична асистенција, социјални услуги во заедницата и предучилишно образование. Овие политики имаат двоен ефект – создаваат нови работни места и истовремено им овозможуваат на жените поголемо и поактивно учество на пазарот на труд. Северна Македонија останува цврсто посветена на визијата за општество кое се грижи за луѓето, затоа што само општество што инвестира во грижата може да гради одржлива, праведна и просперитетна иднина, изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека економското јакнење на жените и нивното поголемо учество на пазарот на трудот остануваат еден од клучните приоритети на Министерството. Дурмиши нагласи дека преку Оперативниот план за вработување Министерството обезбедува конкретна поддршка за жените, младите и долгорочно невработените, со фокус на нивна економска активација, стекнување вештини и полесен пристап до пазарот на трудот.
- Не можеме да зборуваме за економски раст и развој ако значителен дел од жените и понатаму се соочуваат со пречки за активно учество на пазарот на трудот поради обврските за грижа во семејството. Затоа, преку Оперативниот план за вработување креираме мерки кои ќе овозможат поголема економска независност, нови можности за вработување и подобар баланс помеѓу работниот и приватниот живот, истакна министерот.
Тој додаде дека Министерството паралелно работи и на новиот Закон за работните односи, кој ќе донесе унапредување на работничките права и поголема заштита во делот на бременоста, мајчинството, татковството и родителството, согласно европските стандарди.
-Инвестирањето во системите за грижа не е трошок, туку инвестиција во човечкиот капитал, продуктивноста и долгорочната економска стабилност на државата, порача Дурмиши.
Како што информира UN Women, Обединетото Кралство ја потврди својата посветеност на унапредување на родовата еднаквост во Северна Македонија, истакнувајќи го поширокото влијание врз економското учество на жените преку својата поддршка на проектот „Transform Care“, кој се спроведува во партнерство со UN Women. Обединетото Кралство работи како дел од пошироки напори за унапредување на зајакнувањето на жените и отстранување на структурните бариери кои го ограничуваат учеството на жените во економијата.
- Преку подобрување на пристапот до достапни и квалитетни услуги за грижа, проектот придонесува за создавање услови повеќе жени да влезат, да останат и да напредуваат на пазарот на трудот, со што се отклучува економскиот потенцијал и се поддржува инклузивниот раст. Оваа активност е дел од поширокото портфолио на Обединетото Кралство за жени и девојчиња во Северна Македонија, кое е насочено кон унапредување на еднаквите можности, поддршка на лидерството на жените, елиминација на насилството врз жените и девојчињата и адресирање на основните нееднаквости кои го ограничуваат учеството во јавниот и економскиот живот - изјави Даниел Фајлер, вршител на должност во Британската амбасада во Скопје.
Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата на UN Women во Скопје, посочи дека неплатената работа на грижа е невидлива - времето посветено на грижа за деца, стари и болни роднини, вклучително и времето поминато на домашни обврски, се меѓу главните пречки за рамноправно учество на жените на пазарот на труд и на раководни позиции. Според тоа, трансформацијата на системот за грижа е од клучна важност за економското зајакнување на жените, но и за зајакнување на економијата на земјата, изјави Ивановиќ-Кастаред.
На конференцијата се водеа дискусии за наодите од Компаративната анализа и документот за политики за интегрирање на родот, потребите за грижа и начините на финансирање за инклузивна економија на грижа, и се разгледа како европските и меѓународните добри практики - вклучително и искуствата од неодамна одржаниот Форум за грижа за Европа и Централна Азија и Европската стратегија за грижа - можат да се приспособат на националниот контекст со цел да се унапредат политиките и услугите за грижа во Северна Македонија. Се истакна дека инвестирањето во системите за грижа е од суштествено значење не само за унапредување на родовата еднаквост, туку и за промовирање инклузивен економски раст, зголемување на учеството во работната сила, зајакнување на општествената кохезија и поддршка на одржливиот развој.
Конференцијата заврши со заеднички повик за понатамошна соработка и континуирани инвестиции во инклузивни и родово одговорни политики и услуги за грижа што ги исполнуваат потребите на сите луѓе.
Ново на Сител
-

Четворица загинати во тешка сообраќајка на скопската обиколница
-

Четворица загинати во тешка сообраќајка на скопската обиколница
-

Преглед на вестите од светот
-

Без поместување на позициите заврши првата официјална средба Муцунски - Петрова Чамова
-

Фицо го одби предлогот на Мерц за полесно проширување на ЕУ
-

Антикорупциска откри незаконски вработувања и исплати во ТЕЦ Неготино
-

Градоначалникот на Скопје не отстапува со ограда да го затвори преминот на Бит Пазар – Граѓаните бараат семафор
-

Јаневска: Студентите повеќе нема да бркаат глувци и да им се тресат лифтовите
