Конфискација во граѓанска постапка ќе предизвика хаос
Конфискацијата на имот во граѓанска постапка ќе предизвика хаос. Новите измени на предлог-законот го поминаа владиниот филтер, иако во законодавството конфискацијата е веќе регулирана и тоа со две различни постапки.
За правните експерти парадоксално е носење на нов Закон, кога веќе постојат такви одредби.
Во Законот за кривична постапка постои одредба за поведување посебна постапка за конфискација кога не може да води кривична постапка, а постојат и даночни постапки преку кои државата за имотот на кој не може да му се најде потеклото може да го даночи со 75% од вредноста.
-Овој нов Закон ќе наметне некој трет концепт којшто е некаде помеѓу овие два коишто ги имаме во пракса. Но проблематично е што ќе се преклопува, што со даночните постапки, што со посебната постапка за конфискација кога не е можно водење кривична постапка. Имајќи предвид дека трите постапки се различно регулирани во различните закони како треба да се регулираат, тоа во пракса ќе донесе сериозни проблеми, вели извршниот директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, Дарко Аврамовски.
Според Аврамовски, наместо носење на нови закони, државата треба да се фокусира на зголемување на капацитетот и ресурсите на Обвинителството.
-Клучното што треба да се направи е зошто не се применува конфискацијата во кривичните постапки каде има многу поголем степен на гаранции за лицето кон кое е применета ваквата мерка. И врз основа на таквите на таквите истражувања да се надградат капацитетите на обвинителите врз основа на оние решенија кои веќе ги имаме, вели Аврамовски.
Во меѓувреме, кабинетот на вицепремиерката Грковска не ги открива имињата на функционерите за кои досега пристигнале претставки.
Оттаму велат дека 131 претставка се препратени до надлежните институции за натамошно постапување, но имињата не можеле да ги откријат за да не се нарушела презумпцијата на невиност.
Најголем дел од претставките се доставени до инспекторатите и до самите министерства. Но има и такви кои завршиле во Јавното обвинителство и во Финансиската полиција. ОЈО добиле 5, а Финансиска полиција 6 претставки.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
