Македонија
20. August 2026 - 13:57

Костадиновски - Шасивари: Институционалниот дијалог е клучен за унапредување на владеењето на правото

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и судијата Ана Павловска-Данева оствариле средба со министерот за правда Јетон Шасивари, на која биле разгледани повеќе актуелни прашања од областа на уставноста, законитоста и функционирањето на уставно - правниот систем.

На средбата, како што соопшти Уставниот суд, било истакнато значењето на отворениот и континуиран институционален дијалог, особено за прашања кои се од заеднички интерес и кои се однесуваат на унапредувањето на владеењето на правото и правната сигурност.

Меѓу темите за кои се разговарало биле извршувањето на одлуките на Уставниот суд, законските механизми поврзани со нивното извршување, како и решенијата што се разгледуваат во рамки на подготовката на новиот Закон за судовите и Кривичен законик.

Соговорниците размениле мислења и за актуелните правни и реформски процеси, при што била нагласена потребата од јасни законски решенија, почитување на уставните надлежности и координирана институционална комуникација за прашања кои имаат пошироко значење за правниот поредок.

На средбата била изразена подготвеност ваквиот институционален дијалог да продолжи и во иднина.

 

МИА