Македонија
2. јуни 2026 - 15:04

Кривичнa за инвеститор и општинска инспекторка поради уривање на заштитен објект во Куманово, посветен на народниот херој Киро Фетак

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ф.Ф.(52) и Л.Т.(52), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство и природни реткости“, „бесправно градење“, „узурпација на недвижности“ и „несовесно работење во службата“.

Првопријавениот, во 2023 година, срушил и уништил куќа- заштитен објект на културно наследство, на кој била поставена спомен плоча на народниот херој Киро Нацев Фетак, кој објект, согласно член 20 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја е заведен во регистер на спомен обележја како заштитен објект на културно наследство и е заведен во програма за одбележување на значајни настани и личности  со спомен обележја во општина Куманово.

На таа локација, првопријавениот, во својство на инвеститор на градба извршил градежни работи и изградил градба од втора категорија, без претходно одобрение за градење издадено од Сектор за урбанизам при општина Куманово, со што постапил спротивно на член 59 од Закон за градење, а објектот го изградил на земјиште сопственост на државата.

Додека пак, второпријавената како овластен градежен инспектор несовесно постапила во вршењето на своите должности и овластувања на начин што донела решение врз основа на нецелосна и неточно утврдена фактичка состојба, а која била должна да ја утврди согласно член 9 од Закон за инспекциски надзор во врска со член 2 а од Закон за градење.