Кривични пријави за насилството го преполнија полицискиот билтен
Вистински хорор преживеала 18год девојка од Битола, која се враќала од својата матурска прослава. Нејзиниот 40г партнер ја пресретнал, ја затворил во автомобил и го одзел телефонот и брутално ја претепал. За овој случај, Основното јавно обвинителство Битола побара итен притвор поради опасност од бегство и повторување на делото.
„Оштетената го молела да ја пушти да излезе и кога запреле на една локација се обидела да го напушти возилото, но осомничениот тргнал по неа и започнал да ја удира. Начинот на извршување на делото укажува на особено насилнички и контролирачки порив кон младата жртва.“
Насилство врз дете ја згрози и скопската јавност. Во дворот на основно училиште во Илинден, 49годишен татко, наместо да ги смири децата, физички нападнал врсник на својот син, нанесувајќи му расекотини и подливи. ОЈО Скопје отвори постапка за „Насилство врз дете“
„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост -обврска осомничениот да се јавува во судот и забрана да се приближува на оштетеното дете.“
Само во изминатото деноноќие дури 5 лица се приведени за семејно насилство.
Во Кичево е уапсен 43г маж по пријава од неговата поранешна 22годишна партнерка, додека во скопски Центар, расправија меѓу сопружници завршила со взаемна физичка пресметка, па полицијата ги евидентирала двете пријави. Во Ѓорче Петров, жена била нападната од партнерот со тврд предмет. Сериозна драма се одвивала и во Неготино, каде 19 годишна девојка собрала храброст да го пријави сопствениот татко за секојдневно физичко насилство кое го трпеле со нејзиниот малолетен брат. Таткото добил решение итно да го напушти домот. Пријави за семејно насилство имало и во Пробиштип, тетовско и во Крива Паланка.
Од МВР уверуваат дека се преземаат сите мерки за целосно расчистување на случаите, по што против насилниците ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
