Кривични пријави за родителите на насилничките од Ѓорче Петров - уште еден инцидент меѓу малолетници во градскиот парк
Родителите ќе одговараат за насилството што го извршија нивните деца во Ѓорче Петров. Полицијата поднесе кривични пријави поради инцидентот во кој малолетничките крвнички претепаа 13 годишно девојче, ја принудуваа да јаде кучешки измет а сето тоа го снимиле и беше објавено на социјалните мрежи.
- Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров при СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе шест кривични пријави по член 201 став 1 од КЗ( запуштање и малтретирање дете) против Е.А и А.М,Е.С и Р.Г,С.А, В.И и Ѓ.И, А.Т и Т.Т
За случајот од МВР претходно поднесоа пријави и против четири од малолетните напаѓачки. По ова насилство институциите го вклучија црвениот аларм, за да се спречат нови инциденти министерката за образование најави нови построги протоколи во училиштата.
Додека се бараат решенија за училиштата, насилството се прелева надвор низ парковите. Најновиот инцидент се случил вчера, 5 деца на возраст од 11 години биле нападнати на фудбалско игралиште во градскиот парк. Среде бел ден додека играле фудбал, им се приближила група тинејџери кои инцидентот го почнале барајќи им пари на децата. Според сведоштвото на родителите, напаѓачот откако бил одбиен, физички нападнал едно од децата обидувајќи се да му го одземе велосипедот
Она што најмногу загрижува е општествената апатија, иако настанот се случил среде градски парк. Освен случајни минувачи, околу салата имало и градежни работници од кои децата очајно барале помош, но ниту еден не изреагирал да ги одбрани по што децата почнале избезумено да бегаат.
Изминатиот месец јавноста се крена поради низа слични настани според кои безбедноста на децата е сериозно загрозена. Освен врсничкото насилство кое секојдневно го пријавуваат родителите на ученици, загрижувачки се и случаите со педофилија, детска порнографија и силување на деца, каде во два одделни случаи сторителите беа вработени во училишта.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
