Македонија
14. March 2022 - 12:30

Крупен добиток со години ги уништува земјоделските земјишта во Штип

Десетици илјади евра штета на земјоделските култури, пет години наназад, трпат жителите на 4 села во Лакавичкиот регион, во општина Штип, од околу 400 грла крупен добиток кои слободно талкаат и уништуваат во текот на зимските месеци. Посевите со пченица, јачмен, детелина, лозови и овошни насади, секоја година до месец мај се пустошат од говеда за кои никој не знае чиви се. 

Тие од с.Прналија ли се, плачковички говеда, постојано, секоја зима ги носат на испаша, а воопшто  не ги пасат, така се пуштени низ лозјата, по с. Балталија, Долани, Љуботен, секаде се слободно пуштени. – изјави Дане Наумов, жител на с.Љуботен, штипско.

Уништени се и многу пчелни семејства, иако прописно се заштитени. Блажо Цветановски со сопругата се вратил во село Љуботен за да преживее од земјоделие, но тоа право му е одземено.

Не ни дават да живееме. За едно парче леб немаме. Јас сум со 9000 денари од Заводот заедно со жена ми. Таа нема примања, домаќинка е. Од целиот имот ќе се откажеме, џабе живееме-изјави Блажо Цветановски, жител на с.Љуботен.

Мештаните побарале помош од институциите, но никој не успеал да најде решение.

Не преземаат никакви мерки. Полицијата ни вели, тужете ги, а кој да тужиме кога никој не се јавува како сопственик, додаде Наумов.

Поради парадоксалниот проблем, многумина граѓани кои доаѓале и ги обработувале сопствените повеќегодишните лозови и овошни насади се откажале.

Велат, ние „дигнавме раце“ и од нивите и од селото „дигнавме раце“, изјави Наумов.

Со маката на жителите, но и на многумина штипјани кои имаат свои имоти во атарите на селата е запознаена и локалната самоуправа. Ветија дека во најбрз можен рок ќе интервенираат и ќе го заштитат родот и трудот на овие земјоделци кои произведуваат здрава храна, од која бенефит имаат сите граѓани.