Македонија
22. August 2022 - 12:44

Крушево по шестти пат домаќин на Меѓународниот ФИС ролер ски купот „Тоше Проески“

По 6-ти пат во Крушево се одржа меѓународниот ФИС ролер ски куп „Тоше Проески“. Учесниците се натпреваруваа на патот Кривогаштани-Крушево, а беа поделени во 4 категории со различни стартови и тоа мажи на 12 км., жени на 6 км, трка 3 км. за деца до 14 години и трка на 2 км. за деца до 12 години. Имаше  74 натпреварувачи од Македонија, Грција, Бугарија и Молдавија. 

„Ги трасираме овие патеки како зближување помеѓу двете општини, но и еден вид на збогатување на оваа спортска манифестација. Целта е промоција на овој спорт и привлекување на млади таленти кои во иднина би тренирале и би се занимавале со овој спорт“, рече Ѓоко Динески, организатор на ФИС ролер ски куп „Тоше Проески“.

Ролер скиите се одлична имитација на скиите во лето и од 2016 година Меѓународната скијачка федерација ги стави овие натпревари на официјалниот календар и тие се бодуваат како и зимските натпревари.

„Ролер скиите се малку полесни од скијањето, според мене. Затоа што на летните трки е малкку полесно, а скијањето зависи како ќе ти се погодат скиите“, истакна Благоја Најданоски, учесник на натпреварот.

„Не е многу популарен кај младата генерација, порано имаше повеќе. Но бара овој спорт многу вложување и труд, а младите бараат нешто полесно“, кажа Дамјан Пејчиноски, учесник на натпреварот.

Тука беше и нашиот олимпиец Ставре Јада.

„Овие натпревари се и тоа како главни за зимската сезона затоа што на нив се гради таа форма која ќе ни биде потребна во зимата“, додаде Ставре Јада, учесник на натпреварот.

Oрганизатор  на купот е Скијачката федерација на Македонија и клубот „Олимпик ски“ од Крушево, а покровител е МВР.