Македонија
11. January 2024 - 19:54

Куќен притвор за осомничените, адвокатите тврдат дека се било дезинформација

Кривичниот совет ги сослуша странките по жалбата на Јавното обвинителство за упадот во Македонска навигација пред точно една недела.

Советникот во М-НАВ и претседател на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири заедно со двајцата адвокати се појави во Судот.

Во моментот тече рокот од 48 часа, а Кривичниот совет до утре напладне ќе треба да донесе одлука за жалбата со која јавниот обвинител бара мерки на претпазливост бара четворицата тепачи да добијат мерка притвор.

Адвокатот на Незири, Еленко Миланов очекува правна и правична одлука. Вели, целата драма околу инцидентот во М-НАВ потекнува од дезинформации.

-Целиот овој настан и фама околу овој настан е започнат со една дезинформација којашто постојано се повторува и на таа дезинформација се засноваат и сите досегашни изјави и коментари, како на стручните, така и на нестручната јавност. Дали стручната од правната фела или од безбедноста на авиосообраќајот. А тоа е дека било што се случило во контролната кула. Овој настан ниту има нешто што се случило во контралната кула, ниту нешто што се случува во близина на таа контролна кула, ниту пак со лице кое во тој момент требало да извршува свои обврски во контролната кула, вели адвокатот Еленко Миланов.

Според адвокатот, Беким Незири воопшто не учествувал во упадот, и се се случувало зад неговиот грб.

-Беким се јави во рок од половина час на поканата од полициската станица. Ги даде свои наводи, тој е тука, еве и денеска се појави пред судот, што јасно покажува дека ниту мисли да бега, туку сака да го докаже она што реално се случило, во кое што тој нема апсолутно никаков придонес зашто и тој настан се случува зад неговиот грб, од други лица, без негово учество, вели Миланов.

И додека адвокатите ја градат одбраната врз тезата дека Беким Незири не бега и нема да бега, полицијата се уште не може да ги пронајде другите четворица тепачи кои со него упаднаа во Македонска навигација.

Од Јавното обвинителство велат дека по нив во моментот се трага по централна потерница.

-Пред да биде распишана меѓународна потерница потребно е да бидат преземени сите мерки на национално ниво за пронаоѓање на лицата на територија на РСМ. Доколку не бидат пронајдени, МВР за тоа треба да го извести обвинителството. Потоа според меѓународните конвенции за екстрадиција најпрво судија на претходна постапка треба да определи мерка притвор во отсуство за лицата кои не се достапни на органите на прогонот, по што обвинителството може да побара да биде распишана меѓународна потерница, велат од ОЈО.

Скандалите во М-НАВ подолго време ја брануваат јавноста. Кулминираа со кривична пријава против претседателот на Синдикатот поради наводни закани врз директорите на Македонска навигација и упад и напад врз контролор.

Владата промени двајца од тројцата директори на Акционерското друштво, но тоа го направи од втор обид, откако членовите сфатија дека првиот избор, Илир Мехмеди не ги исполнува условите според статутот на М-НАВ.