Кушнер се повлече од белградскиот проект „Трамп“ вреден 750 милиони евра; Вучиќ: Ова е многу лоша вест

Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, се повлече од проектот за луксузен хотел и резиденцијален комплекс со брендот „Трамп“ во Белград, вреден 750 милиони евра (880 милиони долари). Ова го потврди денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Ова е неверојатно сериозна и лоша вест, изјави Вучиќ пред новинарите. Проектот, кој го носеше брендот Трамп, требаше да биде изграден на локацијата на зградата на Генералштабот во центарот на Белград, која беше бомбардирана од силите на НАТО во 1999 година.
Повлекувањето на Кушнер претходно беше објавено од „Волстрит Џурнал“ и „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на портпароли од инвестициската компанија на Кушнер, „Афинити Партнерс“.
Плановите, кои вклучуваа уривање на оштетената зграда на поранешното Министерство за одбрана и Генералштабот на Југословенската армија, предизвикаа протести во Србија.
Одлуката на Кушнер дојде само неколку часа откако српските антикорупциски обвинители поднесоа обвинение за фалсификување против српскиот министер за правда Никола Селаковиќ, близок соработник на Вучиќ, тврдејќи дека е фалсификувано одобрението за отстранување на статусот на објектот како културен споменик, пренесува ДПА.
Вучиќ, чија Влада е под притисок поради протестите, реагираше остро на повлекувањето на Кушнер. Тој изјави дека загубената инвестиција е резултат на „подбуцнување“ од страна на демонстрантите, обвинувајќи ги дека сакаат да ја уништат Србија.
Српскиот претседател додаде дека ќе поведе судска постапка против обвинителите кои поднеле обвинение против Селаковиќ и другите функционери, бидејќи тие ѝ нанеле „огромна штета“ на Србија.
МИА
Ново на Сител
-

Возењето е успорено поради „Сејф сити“
-

Жетва на ориз до Нова година, штетите се огромни
-

Тема на денот со Весна Пусиќ, поранешна министерка за надворешни работи на Хрватска
-

Во Скопје протест за поддршка на командантите од УЧК
-

Партиски препукувања за темата со мигрантите
-

СДСМ: Партиски кујни на ВМРО-ДПМНЕ за лажни вести
-

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со напади кон Спасовски
-

Франција ја блокира Црна Гора на патот кон ЕУ
