ЛДП поднесува предлог-закон за една изборна единица и отворени листи
Една изборна единица и отворени листи. ЛДП утре доставува предлог закон откако претставници на независните листи предупредија дека поради правната празнина по одлуката на Уставниот суд, на претстојните локални избори, многу ќе биде потешко независните да се кандидираат.
- Ова не е нова иницијатива за ЛДП. Нашите пратеници во два претходни парламентарни состави поднесуваа предлог-закони за истата оваа реформа. За жал, тогаш тие иницијативи не добија поддршка. Но ние не се откажуваме. Цврсто веруваме дека оваа промена ќе донесе поголема транспарентност, поголема одговорност на избраните претставници, како и посилна демократија во нашата земја, вели портапролот на партијата Љубен Аврамовски.
Предлог закон најави и Павле Трајанов со неговата Демократски Сојуз. Ова доаѓа откако претходно одговарајќи на пратеничко прашање премиерот Мицкоски ја отвори идејата за една изборна единица, тема која секогаш пред избори станува актуелна, но кога навистина ќе треба суштински да се дебатира, е далеку од носење.
Првиот човек на СДСМ, Венко Филипче веќе кажа дека е отворен да разговара за ова прашање, но потенцираше дека за вакво нешто потребен е консензус од сите политички чинители.
Социјалистичката партија, која е дел од владејачкото мнозинство, пак, веќе се изјасни дека е против отворени листи и кандидатура на независни со само педестина потписи.
Итно пополнување на правната празнина пред изборите побара и претседателот на Уставен по седницата пред 10 дена на која го укинаа прагот од 1% граѓански потписи за независните кандидати. Во спротивно порача дека ќе биде направена тешка повреда на Уставот, правниот поредок и човековите права.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар