Македонија
9. August 2026 - 16:30

Жештините ја зголемија потрошувачката на струја

Топлотниот бран ја зголеми потрошувачката на струја. Податоците кои Сител ги доби од ЕВН покажуваат дека во јуни и првите денови од август граѓаните трошеле повеќе електрична енергија во споредба со истиот период лани.

Во јуни потрошувачката достигнала 405 илјади мегават-часови, а најголемиот дневен конзум бил регистриран на 26 јуни, со над 15 илјади мегават-часови. Токму тој ден во Скопје биле измерени 34 степени.

„Температурите во јуни 2026 година се незначително повисоки во однос на истиот период во 2025 година, што се одразува со умерено зголемување на вкупната потрошувачка на електрична енергија“, велат од ЕВН.

Во јули, пикот е достигнат кон крајот на месецот, со над 16 илјади мегавати. Сепак, вкупната потрошувачка е пониска од ланската, поради пониските температури. Но, со новиот топлотен бран, побарувачката повторно расте. Само во првите четири дена од август се потрошени 59 илјади мегават-часови, за речиси 9 проценти повеќе од истиот период лани. На 4 август, ден по продолжениот илинденски викенд, е забележана и најголемата дневна потрошувачка – речиси 15.500 мегават-часови, кога во Скопје биле измерени 37 степени.

„За месец август се уште не може да се направи анализа на потрошувачката, бидејќи месецот не е завршен“.

Од ЕВН велат дека потрошувачката е во рамки на планираните вредности.

Во меѓувреме, зголемената побарувачка за електрична енергија, во комбинација со намаленото производство во дел од регионалните електроцентрали, создава сериозен притисок врз енергетските пазари во Југоисточна Европа.

Цените на берзите во регионот во текот на изминатата недела надминаа 700 евра за мегават. Највисоки цени биле регистрирани во Словенија и Хрватска, а најниски во Грција и Бугарија. На 3 и 4 август биле забележани најголем број ценовни скокови, кога генерално цените се зголемиле за 50 до 100 проценти во споредба на претходните недели. Еден од главните проблеми е ниското ниво на водата во Дунав. Поради тоа, намалено е производството во хидроелектраните и нуклеарните централи. 

„Оваа година имаше многу малку дожд, и не само во Унгарија, туку и во Австрија, Германија, Чешка, па на сите места каде што Дунав ја собира водата. Кога каменот ќе излезе од водата, тогаш доаѓа гладот, бидејќи тогаш има многу малку вода во Дунав, а исто така и многу малку вода на полето“, вели капетанот Самуел Комоли.

Хидролошката состојба во Македонија е добра и стабилна, потврдија хидролозите од УХМР и Министерството за енергетика. Акумулациите се полни над 70%, па и во услови на продолжена суша, имаме силна основа за полесно да се преброди тој период. И од Владата неделава кажаа дека нема да ги повикаат граѓаните да штедат, како што направија повеќето европски земји, и дека плановите одат во насока кај нас струјата од Нова година да поевтини, а евтината тарифа да биде проширена.