Македонија
27. March 2026 - 13:47

Лекарската комора стана полноправен член на Европскиот совет на лекарски комори (CEOM)

Лекарската комора на Република Северна Македонија е примена во полноправно членство во Европскиот совет на лекарски комори (European Council of Medical Orders – CEOM). Овој значаен чекор претставува меѓународно признание за работата на Комората како и за заложбата за унапредување на медицинската професија во земјава.

„Приклучувањето кон CEOM е од стратешко значење за нашите лекари и за целиот здравствен систем. Како полноправен член, Лекарската комора добива директен пристап до највисоките европски стандарди во медицинската етика, професионалната регулатива и континуираната едукација“, изјави доц. д-р Маја Манолева, потпретседател на Лекарска комора, кој присуствува на настанот за прием што се одржува во Љубљана, Словенија.

На настанот присуствуваат и д-р Љубомир Стефановски,  доц. д-р Илбер Бесими, д-р Тодор Кичуков.

Членство значи и полесно усогласување со европските стандарди преку директно учество во креирањето и имплементацијата на европските норми за практикување на медицината. Исто така се унапредува и заштита на професијата и етиката, преку размена на искуства со другите европски комори за заштита на достоинството и правата на лекарите, како и за унапредување на етичките обврски кон пациентите.

Се креира и директен канал преку кој македонските лекари ќе може да бидат во тек со најновите медицински достигнувања и административни практики во Европа, а се зајакнува и гласот на македонските лекари во рамките на европските институции и учество во заеднички проекти за подобрување на квалитетот на здравствената заштита.

Како професионална, невладина и непрофитна асоцијација, Лекарската комора продолжува да работи на својот императив – заштита и унапредување на статусот и стручноста на лекарите, како и подобрување на квалитетот на здравствениот систем во рамките на нејзините надлежности дефинирани со Законот за здравствена заштита. Полноправното членство во CEOM овозможува и на помалите земји, како Македонија, рамноправно да учествуваат во тековите кои ја обликуваат иднината на европската медицина.