Лидерска средба ЕУ – Западен Балкан во Скопје, аналитичарите не очекуваат исчекор во македонските евроинтеграции
Лидерите од Западен Балкан во понеделник и вторник доаѓаат во Скопје- главниот град ќе биде домаќин на лидерската средба Европска Унија- Западен Балкан посветена на Планот за раст за регионот. На средбите ќе присуствува и еврокомесарката за проширување Марта Кос, која ќе оствари тет а тет средба со премиерот Мицкоски.
Но може ли да се очекува од оваа средба некакво помрднување од мртва точка за македонските евроинтеграции? Според аналитичарите, настанот е само една проформа преку која ЕУ сака да прикаже дека го сака Западниот Балкан во европското семејство, но дека нема позитивна клима за европскиот пат на Македонија без исполнување на условите.
По настаните во Европскиот парламент, каде што бугарските европратеници бараа да стои придавката модерен пред македонски јазик и идентитет во Извештајот за напредокот на земјава, а се поизвесно е дека ова барање ќе биде изгласано на пленарната седница, според аналитичарот Атанасовски македонско-бугарските односи се влошени, а излезот тешко ќе се најде.
Каков ќе биде исходот од средбата на Мицкоски со Кос ќе се знае во понеделник кога ќе одржат и заедничка прес конференција. За во вторник е предвиден панел кој ќе биде насочен за конкретните механизми за спроведување на Планот за раст, каде покрај европските претставници ќе учествуваат лидерите од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар