Македонија
27. December 2021 - 16:39

Локалната власт во Кочани ќе бара кој загадува па ќе креира мерки за заштита

Аерозагадувањето повторно топ тема во Кочани. Минатата ноќ е измерена концентрација на ПМ честички за 8 до 9 пати поголемо од дозволеното, што општината ја стави на второ место по загаденост во земјата и ги алармира локалните власти.

- Најпрво треба да ги утврдиме потенцијалните загадувачи и причините за загадувањето, а потоа ќе преземеме превентивни и репресивни мерки, изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.

По неколку пријави од граѓани дека на дива депонија се палат гуми и електронски отпад, рано утринава локални комунални инспектори и еко активисти со асистенција на полицијата излегоа на терен.

- Вчера кога Кочани беше во пикот на најзагаден град се примети палење на гуми и тоа се случува постојано. Да се решат дивите депонии и да се прекине со палењето на гуми, кое многу го загрозува здравјето на луѓето, не само овде, туку во цело Кочани-изјави Горан Тодоров „Здрав живот“ - Кочани.

Едно од можните решенија за утврдување на причинителите на аерозагадувањето е поставување на уште 3 мерни станици, но и континуирана работа на терен за подогање на свеста на граѓаните.