Маглата не попушта, Штип 10 дена под аерозагадување
Во изминатите десет денови, аерозагадувањето повторно се наметна како еден од најсериозните еколошки и здравствени проблеми и во Штип. Граѓаните сѐ почесто се жалат на тешкиот воздух, намалената видливост во утринските и вечерните часови, како и на непријатниот мирис што се задржува над градот, особено во ниските делови и густо населените населби.
Според општата состојба која редовно ја регистрираат мерните станици, концентрациите на суспендирани честички, во повеќе наврати биле покачени, особено во денови со стабилни временски услови, без ветер и со пониски температури. Ваквите метеоролошки услови придонесуваат загадениот воздух да остане „заробен“ над градот, без можност за природно прочистување.
- Периодот е интересен по тоа што немаме струење на воздухот поради тоа што ни се јавува таа темепратурна инверзија, со чија појава, топлиот воздух се јавува погоре, а ладниот воздух е долу, а маглата го притиска воздухот надолу со што се создаваат уште повисоки концентрации. Граничната вредност на дозволени денови со пречекорување е 35, а во Штип вече имаме 41 ден со надминување на тие 24 часовни концентрации, изјави Бобан Самарџиски, лабораторија АМБИКОН при УГД- Штип.
Загадениот воздух во Штип почна да ги полни и амбулантите. Лекарите предупредуваат непотребно да не се излегува надвор, а доколку за тоа има потреба да се користат заштитни маски.
- Сведоци сме дека во последните денови се зголемува бројот на пациенти кои што доаѓаат во нашата амбуланта со чести респираторни заболувања, болка во грло, малаксаност, треска, општа слабост, изразена сува надразнителна кашлица, сето тоа придонесува да се зголеми бројот на прегледи во амбулантите, изјави Валентина Митрова, доктор по општа медицина.
Аерозагадувањето во Штип главно произлегува од греењето на цврсти горива и зголемениот сообраќај. Без трајни мерки, проблемот ќе се повторува секоја зима.
-
Tрајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
