Македонија е една од само 3 земји во светот кои ја ограничија употребата на вакцината АстраЗенека
По Германија и делови од Канада, Македонија е третата земја во светот каде не се препорачува вакцината АстраЗенека за помлади од 60 години. Ова следи по објавените студии за појава на тромбоза претежно кај жени под 55 годишна возраст во овие две држави после вакцинацијата. Германските власти сепак целосно не ја стопираа АстраЗенека за помладите, можат да се имунизираат, но прво треба да ги прегледа лекар и да даде образложение.
Експертите по имунологија велат дека тромботичните несакани ефекти се многу ретки - 1 случај на милион вакцинирани.
-Тие состојби кои се јавуваат се јавуваат 4 до 20 дена од вакцинацијата. Ако рано се детектираат се третираат. Ако лицата почувствуваат силна главоболка, замаглен вид, крварења точкасти по кожата веднаш да се отиде на лекар, исто така знак може да бидат и ниски тромбоцити, изјави доц. д-р Мери Киријас, од Институтот за имунологија.
Доктор Киријас е категорична дека сепак АстраЗенека безбедна вакцина. Ефикасноста во спречување инфекција е 76 проценти, а кај повозрасните 85 отсто. Само во Велика Британија досега биле искористени 17 милиони дози, а имало 20-тина несакани реакции.
И за АстраЗенека потребни се две дози во рок од 3 месеци. Имунитет се создава 3 недели после првата вакцин.
-Затоа луѓето не треба да се опуштаат, зошто имунитет се создава 3 недели после првата доза. За комплетна отпорност потребно е да се прими и втората доза, додаде д-р Киријас.
Инаку АстраЗенека е направена на Оксфордскиот универзитет и е најефтината вакцина против Ковид-19. Чини помалку од 2 евра за доза. Некои од останатите вакцини се 10-тина пати поскапи. Следна предност е што лесно се чува, во фрижидери на температура од 2 до 8 степени.
Уште од самиот почеток ја следеа контроверзии. Голем број држави ја прекинаа употребата по појава на случаи на згрутчување на крвта. Поголемиот дел продолжија со нејзина примена. Прво не се препорачуваше за повозрасните лица, но Европската агенција за лекови и СЗО се изјаснија позитивно со став дека придобивките од АстраЗенека се многу поголеми од ризиците.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
