Македонија единствена држава на Балканот која нема своја историска база на податоци
Македонија е единствената држава на Балканот која нема своја историска база на податоци, буквално за ништо. Од Институт за национална историја велат дека иако досега неколку пати се обиделе да направат вакво нешто државата немала слух. Со тоа ние сме посиромашни во имањето на орудие кое и тоа како би можело да ни помогне во денешната ситуција, каде соседните држави се обидуваат да ја негираат нашата историја и идентитет.
„Таа база на продатоци би била достапна и пристапна буквално за сите, тоа се отворени податоци и начинот на пребарување би бил многу лесен, а тоа е фактички основ за заживување на меморијата на фамилиите од Македонија“, истакна Ленина Жила, Институт за национална историја.
Од Институтот велат дека имаат податоци за секоја фамилија која живеела тука од 18 век до денес, да се направи семејно стебло, но за жал тоа не е достапно за јавноста. Овој јаз го користат соседните држави како Бугарија, кои Македонците од минатото ги впишуваат како свои граѓани.
„База на податоци за македонската историја ќе значи создавање на врска меѓу генерациите, тоа е основата. Додека се помни дека тие што загинале имаат потекло од Македонија, Македонија ќе остане жива. Ако се заборави и се интегрира во другите култури, ако се заборави што значи да си од Македонија, значи ќе ја изгубиме комплетно и самата Македонија и меморијата за Македонија“, додаде Жила.
Ова беше само една од темите на научната трибина во Крушево каде се зборуваше континуитетот на двата Илиндена низ призмата на индивидуалните учесници во тие битки. Трбината е дел од НУЦК „10 Дена крушевска република“.
„Секој еден учесник е приказна за себе кој дава ексклузивни докази за континуитетот и посебно на двата Илиндени, дека припаѓаат на македонскиот народ како одделна, засебна, етнолошка, културолошка, политичка единица и целина“, изјави Зоран Богески, виш кустос, доктор по историски науки во НУ Историски музеј Крушево.
„Не случајно првото заседание на АСНОМ беше одржано на 2 август 1944 година, бидејќи таа врска, таа низа, традициите беа испочитувани од 1903 година“, кажа проф. д-р Александар Симоновски, научен советник редовен професор во Институт за национална историја.
„Сметам дека преку овие средби и дијалози ние можеме да научиме многу за себе си, што би биле ние кога не би се познавале себе си“, додаде Захарија Ангелеска, директорка на НУЦК „10 Дена крушевска република“.
Од оваа трибина ќе биде издаден и зборник на трудови.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар