Македонија
2. November 2026 - 12:21

Македонија и Грција со заеднички проект ја зајакнуваат итната медицинска помош

Југоистокот добива нова опрема за поефикасна итна медицинска помош. Четири амбулантни возила, 24 дефибрилатори и шест ЕКГ апарати ќе бидат обезбедени за Југоисточниот регион преку проектот ,, ХартСејф,, чија цел е унапредување на системот за итна медицинска помош и подобрување на реакцијата при срцеви итни случаи. Предвидена е и обука на околу 1.200 здравствени работници, волонтери и обучувачи.

Амбулантните возила ќе бидат наменети за здравствените домови во Струмица, Валандово, Радовиш и Гевгелија, а дефибрилаторите ќе бидат поставени на повеќе јавни локации и гранични премини. Дел од медицинската и тренажната опрема е наменета за  црвениот крст од Струмица, чии обучувачи се вклучени во едукацијата на граѓаните за укажување прва помош и користење на дефибрилаторите.

Од Здравствениот дом Струмица велат дека проектот е многу значаен и ќе придонесе за зајакнување на капацитетите на службата за итна медицинска помош.

За градоначалникот на Општина Босилово, покрај обезбедувањето опрема, особено важно е и обучувањето на населението, со што ќе се овозможи побрза реакција во итни случаи.

Проектот ,,ХартСејф,,  се реализира со поддршка на Европската Унија, како дел од прекуграничната соработка меѓу Македонија и Грција. Вкупната вредност изнесува нешто повеќе од 1,2 милиони евра, а во неговата реализација се вклучени здравствени институции и организации од двете земји.